Промовирана новата збирка „ОбојОбојОбој“ од авторот и диџеј Јордан Николов.
– Во оваа книга по првпат се применува методот на Бјордан (Byørdan) – техника за одредување на просечното времетраење на едно книжевно дело (вредност дефинирана откако бил тестиран примерок од 37 случајно одбрани читатели во различни временски услови, расположенија, периоди од денот, местоположба, замор и исцрпеност од работни обврски или наспани и одморени разгалени студенти, влијанија од кофеин, алкохол или слични стимуланси или отсуство од нив…). Накратко: тоа е времетраењето потребно за едно книжевно дело (во овој случај – расказите) да се прочита во вообичаени, секојдневни околности – пишува во забелешката на авторот на почетокот на книгата, како назнака за тоа што треба да очекува читателот.
Расказите се замислени како музички секвенции и како ленти на плоча прескокнуваат од една на друга тема.
– Книгата е замислена и е конципирана да потсетува на музички албум. Откако паметам за себе, сакам да бидам тапанар во некоја група. Животна цел ми е да издадам носач на звук (и тоа, ќе мора да биде – на плоча). Така, кога збирката раскази почнуваше да се крчка кај мене во главата и да ги добива контурите – ми текна дека за секој расказ би требало да измерам колку време ми е потребно за да го прочитам (исто како што покрај секоја музичка нумера на компакт-дискот, плочата или на Јутјуб има назнака колку време трае тоа). Ќе си вклучев стоперка и ќе почнев да си ги читам расказите со некое темпо што го сметав дека е со средна вредност. Ни пребрзо – оти се мои твoрби и знам што следува во текстот, ниту пребавно, едноставно – некако на средина – рече тој.
Расказите се пишувани во периодот од 2002 година (кога по првпат добил награда во „Студентски збор“ на конкурсот за краток расказ), па сè до неделите пред книгата да излезе од печат. Инспирација и информации црпел од: акаша (основа и суштина на сите нешта во материјалниот свет според хиндуизмот). Жанровски, расказите се од широк дијапазон: од сатирични, романтични, комични, дневнички…
Ова не е прво објавено дело на Николов. Во 2017 година, во рамките на фестивалот „Скопје креатива“, беше издадена неговата збирка раскази „Играчките на д-р Бре“. Најчесто пишува раскази, повремено создава поезија и има напишано еден (сè уште необјавен) роман.