Современата бразилска литература има посебна книжевна вредност и заслужува да биде дел од сечија домашна библиотека

Неодамна во издание на „Антолог“ излегоа два романа од исклучително ценети и наградувани бразилски автори. Имено, станува збор за Даниел Галера и Рубен Фонсека. Галера е сметан за еден од најдобрите млади писатели, а Фонсека веќе им е познат на нашите читатели со книгата „Врвна уметност“, која „Антолог“ ја објави уште во 2013 година. Современата бразилска литература има посебна книжевна вредност и заслужува да биде дел од сечија домашна библиотека.
Даниел Галера е бразилски писател, преведувач и издавач. Роден е во Сао Паоло, во 1979 година. Поголемиот дел од животот го минал на југот на Бразил, во Пуерто Алегре, но во 2005 година се вратил во Сао Паоло. Критиката го смета за еден од најдобрите млади писатели на неговата генерација. На дваесетгодишна возраст почнал да објавува текстови за онлајн медиуми. Во 2001 година, заедно со двајца пријатели, ја основал издавачката куќа „Ливрос до мал“, во која ја објавил првата книга, „Зачувани заби“. Има објавено пет романи: „Сè до денот кога загина песот“ во 2003 година, по кој во 2007-та е снимен филм; „Коњски раце“ во 2006 г.; „Планински венец“ во 2008 г., кој доби награда на Националната библиотека на Бразил; „Брада натопена со крв“ во 2012 г., кој доби награда за литература на Сао Паоло; и „Дваесет минути по полноќ“ во 2016 година.
Романот „Брада натопена со крв“ е преведен на дваесетина јазици. Целата приказна започнува кога главниот лик тргнува во потрага да ги открие деталите за смртта на дедо си.
Почнува со посета на татко му, кој му ја најавува намерата да се самоубие и му ја раскажува приказната за мистериозната смрт на дедо му. Го убиле во Гаропаба, мал приморски град на југот на Бразил, во текот на неделна игранка, кон крајот на 1960-тите, при што никогаш не биле најдени ни телото ни виновниците. Скршен по загубата на татко си, семејните несогласувања и љубовното предавство, младиот човек, инаку професор по физичко образование, се сели во Гаропаба во потрага по личен мир и по вистината за дедо му. Но многу тешко доаѓа до информации, бидејќи оние што го познавале не сакаат да зборуваат. Реализацијата на неговите цели особено ја отежнува и неговата необична невролошка состојба: не ги памети лицата на луѓето, дури ни на оние што ги познава со години, информираат од „Антолог“.
Рубен Фонсека (1925) ја почнал кариерата како обичен полицаец, кој потоа станал висок полициски комесар. Фонсека не дава интервјуа, исто како и неговиот американски пријател Томас Пинчон. Книгите му се полни насилство и секс и ги сметаат за револуционерни во бразилската литература. Речиси сите современи бразилски писатели ја истакнуваат важност на Фонсека. Во 2003 година ја добива наградата „Камоеш“, која се смета за најголема награда за автори што пишуваат на португалски јазик. Самиот кажал дека писателот треба да има храброст да го прикаже она од кое повеќето луѓе се плашат.

Романот „Август“ му донесе светска слава на авторот што во своите дела, со остар и директен стил, ги прикажува човечкото насилство и блуд, свет во кој се мешаат маргиналци, убијци, проститутки, припадници на власта и бедници.
Сите настани се случуваат во август 1954 година, месец на тешки убиства, политички атентат, беспоштедна борба за власт. Извонреден приказ на бурната општествена и политичка клима во Рио де Жанеиро во 1950-тите години, период кога бил главен град на Бразил. Следиме истовремено две приказни. Едната, базирана на историски настани, ги прикажува последните денови од владеењето на претседателот Жетулио Варгас, големиот бразилски лидер на XX век, и заговорот што по повод неуспешниот атентат на новинарот Карлос Ласерда, неговиот политички противник, доведe до самоубиството на Варгас пред да биде соборен од власта. Другата, крими-приказна, ја следи истрагата за убиството на богат индустријалец што ја води инспекторот Алберто Матос, убиство што е повод за други крвави разврски. Преку овие две линии се прикажани механизмите на корупцијата во институциите и нивната поврзаност со организираниот криминал, опфаќајќи ги сите политички и економски структури, од круговите блиски до претседателот, сенатори и деловни луѓе, па до вработените во полициската станица во која работи Матос, чесен полицаец со несреќен љубовен живот.
Двете книги се објавени со поддршка од Специјалниот секретаријат за култура при Министерството за култура на Бразил и фондацијата „Национална библиотека“.