Одбележувањето на 120-годишнината од подмолното убиство на македонскиот револуционер Гоце Делчев, во организација на познатиот уметник и голем хуманист, Живко Поповски – Цветин, група еминентни и докажани уметници, поети, пистели, артисти и поддржувачи на „Цветиновата мироцветна мисија за мир“, во трговскиот Центар „Бисер“ во Аеродром – Скопје, на пригоден начин му оддадоа почит на великанот.
На овој во нашата историја трагичен и тажен историски ден, кој не смее да се заборави, и да се дозволи да ни го крадат ликот и делото на нашиот најголем неимар на државата и татковината, како поттик за продолжување на делото на Гоце Делчев, но и признание за вклучувањето, развивањето и ширењето на мисијата на мирот со пишувањето колумни, поезија и други творби, Живко Поповски – Цветин, на новинарот, поет и писател Мендо Димовски, му додели „Цветинова награда за мир“, збогатена со истоимената песна од авторот Димовски.
– Неодамна, на слична ваква манифесатација, поетот Мендо ме задолжи до крај на животот да истраам во ширењето на мојата мисија. Тој истакна, во убавите нешта на животот се вбројува и цвеќето на Цветин како симбол на љубовта и на слободата, како симбол на мирот и на многу други животни потреби и убавини искажани низ спектарот на боите. Затоа ништо не може да се слави и да се одбележуваат настани без цвеќето на нашиот и светски славен уметник и хуманист Живко Поповски – кажа Поповски.
Изразувајќи благодарност за добиеното признание, Димовски возбуден и вознесен од емоциите, нагласи дека е среќен што и натаму може интензивно да дејствува и јавно да го искажува своето мислење како придонес во чувањето на мирот и слободата, што токму сега ни се најпотребни за спас на државата, зашто некои зли сили и „духови“, за жал и пред наши очи ни ја растураат и крадат земјата.
Вознемирен од ова што ни се случува, за да го пренесе „ехото“ од Цветиновата порака со цвеќето на мирот за да го слушнат и оние кои можеби и не сакаат тоа да го слушнат, Димовски возвикна, повторувајќи една строфа од негова песна:
„О, луѓе мои, поети и творци,
земјени и одземјени борци,
отворете очи, не бидете слепци,
Сите вие мали и големи Македонци“
Исто така, денешниот добитник на Цветиновата награда за мир, како благодарност за наградата, искажа загриженост и будност во чувањето на татковината во песната „Песна за земјата“, која со посебни емоции им ја изрецитира на присутните.
Како Конески што те означуваше
и твојте граници ги назначуваше
со аманет името да ти го чуваме,
а што чувавме и што зачувавме?!
Како Делчев светот што го разбираше
и твојте маки и страдања ги запираше,
а во тебе грубо и длабоко навлезе ‘рѓа,
те разјадува, те раздвојува и те прави туѓа!
Кој земјо пред врата повторно ти стои,
кој те мами, те гази и судбина ти крои,
кој те уценува и ти го одзема постојот,
кој те отуѓува и ти го презема опстојот?!
Љубена моја, колку сакам да те опеам,
колку убави стихови за тебе да слеам
за да бидеш среќна, весела и вознесена,
а не занемена, разземена и разнесена?!
Манифестацијата продолжи со читање поезија за Делчев од Димовски и евоцирање спомени за великанот, како и од други поети, а познатиот артист Благоја Чоревски ја прочита победничката песна од минатогодишниот добитник на златниот венец на „Струшките вечери на поезијата“.