На церемонијата, пред околу илјада посетители во „Корнер хол“ во Торонто, веста дека добитник на наградата е Роџер Ривс ја соопштивме заедно со членката на жирито од САД, добитничка на „Пулицер“ и американска национална лауреатка за поезија, Наташа Третвеј, вели Маџиров по враќањето од Торонто

Македонскиот поет Никола Маџиров беше член на жирото на најголемата светска награда со меѓународен карактер за поетска книга напишана или преведена на англиски јазик, „Грифин поетри прајз“, која на 7 јуни беше доделена во Торонто, Канада, а ја доби американскиот поет Роџер Ривс. Наградата за најдобра книга напишана или преведена на англиски јазик за 2022/2023 година, која изнесува 100.000 американски долари, му беше доделена на авторот на свечена церемонија во „Корнер хол“ во Торонто, а Маџиров присуствуваше на церемонијата.
– На церемонијата, пред околу илјада посетители во „Корнер хол“ во Торонто, веста дека добитник на наградата е Роџер Ривс ја соопштивме заедно со членката на жирито од САД, добитничка на „Пулицер“ и американска национална лауреатка за поезија, Наташа Третвеј. Истата вечер беше соопштено и името на добитничката на наградата за животно дело за оваа година – ирско-американската поетеса Фени Хоу, која им се придружи на Томас Транстромер, Адам Загајевски, Х.М. Енценсбергер, Ко Ун, Дерек Волкот, Шејмас Хини, Аделиа Прадо, Адриен Рич… – вели Маџиров по враќањето од Торонто.

Петте автори што влегоа во потесна конкуренција добија по 10.000 канадски долари и учество на свечената церемонија, а беше доделена и награда за најдобра дебитантска поетска книга во Канада. Другите двајца членови на жирито се американската поетеса Наташа Третвеј, американска национална лауреатка за 2012-2014 година и добитничка на „Пулицер“, и канадскиот поет Грегори Скофилд. Наградата за животно дело, пак, досега ја имаат добиено неколку добитници на „Златниот венец“ на „Струшките вечери на поезијата“, како Ко Ун (2008), Х.М. Енцесбергер (2009), Адам Загајевски (2016) или нобеловците Томас Транстромер (2007), Шејмас Хини (2012), Дерек Волкот (2015) и други. Во конкуренција за најдобра поетска книга напишана или преведена на англиски јазик беа шестотини книги од автори од многу земји. Една од основачите на наградата и добитничка на „Златниот венец“, Маргарет Етвуд, вели дека „Грифин поетри прајз“ ги афирмира и охрабрува поетите веќе дваесет и две години и дека „поезијата не е минорна форма на уметноста, таа е казанот на човечкиот јазик“. Наградата се доделува од 2000 година. В.Д.