Кумјана Новакова, селекторка на документарната програма на „Браќа Манаки“
Каква документарна програма ѝ нудите на публиката на годинашниот фестивал „Браќа Манаки“?
– Оваа година имаме 12 наслови во натпреварувачката програма за најдобра фотографија во документарен филм „железна камера 300“: пет кратки и седум долгометражни остварувања. Како селекторка во секоја програма што ја развивам се трудам да креирам своевидно патување, кое е возбудливо и во интелектуална и во аудиовизуелна, односно телесна смисла. „Манаки“ оваа одредница ја прави уште повозбудлива: фестивалот е простор во кој визуелното во филмот треба да ги надминува границите на очекуваното во филмските јазици. Во таа насока, годинашната селекција е како документарна мапа што исцртува културно и општествено храбри документарни филмски простори преку дела на автори и авторки што отвораат нови прашања или посочуваат на односи во приватното и јавното за кои поретко или скоро никогаш не се промислуваат или анализираат. На пример, од регионот имаме понови автори – Карла Црнчевиќ од Хрватска, Драгана Јовановиќ од Србија и Неритан Зинчирија од Грција, кои работат со сеќавања како наративен пристап. Карла креира микроисторија на поствоената флора и фауна во едно мало место на Јадранскиот Брег преку сеќавањата на своите родители. Еднакво возбудлив на наративниот пристап е и нејзиниот визуелен пристап, односно камерата: користи веб-камера и архива од аматерски снимки од нејзиниот татко, кој е кинематограферот на филмот. Драгана од друга страна преку сеќавања и соништа креира есеј за идното, своевидна филмска интервенција во колективната потсвест во време на перманентна криза. Неритан, пак, влегува на Атос, или Света Гора, и создава безвременски портрет на просторот преку визуелен дијалог на денешното со архива од над 3.000 фотографски стаклени плочи направени од еден од монасите пред 90 години, кои користат фотографска техника што ја користеле и Манакиеви. Ова е само мал дел од селекцијата на документарен филм и се надевам доволно возбудлив за да ги инспирира сите што се во можност да ја отворат програмата на фестивалот и да ни дојдат во прекрасното кино „Манаки“ секој ден во 17 часот.
Дури 70 отсто од филмовите селектирани во оваа натпреварувачка програма се потпишани од жени. Дали ваквиот избор е поради поголема родова застапеност или навистина „женските“ филмови предничеа со својот квалитет?
– На ова прашање ќе одговорам индиректно, за да креираме простор на разбирање зошто е важно да инсистираме на родова еднаквост во секоја јавна културна програма. Во популарната култура, како и во мејнстрим-филмот, машката фантазија се гледа како нешто што може да создаде реалност, додека женската фантазија се смета за чисто бегство од реалноста. Хетеронормативниот поглед ги изедначува машкото авторство со рациото, а женското со ескапизам. Ова е бинарниот мит со кој се брани повисоко рангираниот машки поглед во уметноста и филмот, не оставајќи простор за други субјективитети, кои по автоматизам се сметаат за нереални и „луди“. Оттаму, популарната култура и мејнстрим-филмот тврдат дека родот и сексуалноста не ги обликуваат перспективата, методологиите, знаењата, интересите на авторот или авторката, па се поставува омиленото либерално прашање зошто да ни е грижа дали филмот е направен од маж или жена. Ќе бидам нежна, па ќе кажам дека се работи за игнорантен став и суштинско неразбирање на креативните и творечките процеси. Творечкото секогаш произлегува од животот и живеењето, а сите наши слоевити идентитети и животни искуства се комплексно врежани во сѐ што создаваме, вклучувајќи ги и уметничките или филмски дела. Од овие причини, секој селектор или селекторка на документарен филм, или на која било друга филмска форма, не може да тврди дека е во дијалог со контекстот и динамиките во кои дејствуваме ако не се обидува барем да ги претстави различните искуства околу нас: машки, женски, квир, родово небинарни, имигрантски, работнички, плурални, искуствата на луѓе со попречености. Светот е многу посложен отколку што тоа може да го замисли белиот хетеронормативен маж. Не ми е жал што времето на либералниот машки поглед заврши. Од овие причини секаде каде што курирам филм инсистирам на дела што се градат преку различни животни, културни и политички искуства и се надевам дека на тој начин креирам програми што имаат потенцијал да бидат отворен простор за сите. На крајот, тоа е и задачата на секоја јавна културна програма, а особено на најстариот и најголем филмски фестивал кај нас. А квалитетот никогаш не бил проблем, има одлични „женски“ филмови за секој што сака да ги најде – причините за незастапеноста на жените и квир-авторите и авторките никогаш и не биле од уметничка природа.
Како еден од поатрактивните наслови е документарниот филм „Човек во црно“ на Ванг Бинг, чија кинематограферка Каролин Шампетие, позната по соработките со Лео Каракс, е гостинка на фестивалот… Кажете ни нешто повеќе за филмот и за ова гостување?
– „Човек во црно“ на Ванг Бинг, чија кинематограферка е Каролин Шампетие, за мене е едно од највозбудливите документарни остварувања во 2023 година. Пред сѐ затоа што се работи за филм што е возбудлив и ретко успешен спој на филмската со изведувачката и музичката уметност. Се работи за многу комплексен филмски јазик, кој ги спојува аудиовизуелното со перформативното и музичкото, а Каролин Шампетие креира визуелен метод од неверојатно долги филмски кадри (работи со мала камера) и маестрално светло, со што овозможува ваков еден комплексен режисерски пристап напросто да профункционира и оживее. Документарните филмски форми што вклучуваат перформативни, односно корпореални и комплексни музички елементи се особено тешки и камерата е еден од можните амалгами, покрај монтажата. Овде и едното и другото се маестрални – монтажерка на филмот е Клер Атертон, која е најпозната како монтажерка на Шантал Акерман. Од друга страна, ова е филм што е многу различен од сѐ друго што Ванг Бинг го има реализирано – тој е познат како еден од најхрабрите современи критички автори што работи со „суров“ документаристички материјал и „нечиста“ слика, додека овој филм гради портрет на 87-годишниот Ванг Чилин преку многу прецизно визуелно и изведувачки кореографиран и неверојатно емотивен перформанс за мачењата и тортурите што тој како еден од најпознатите современи кинески композитори ги преживеал. Филмот е ода на болката на сите што биле политички затворани и репресирани, а истовремено е и документ за преживувањето и слободата. Во тој правец особено сум возбудена за гостувањето на Каролин Шампетие. За мене таа е една од најважните кинематограферки во историјата на филмот. Почнала да работи на филмовите на Клод Ланцман, Годар, Жан-Мари Штроб и Даниел Уије, Шантал Акерман и никогаш не престанала да учи и да ги поместува границите во кинематограферството соработувајќи со некои од креативно најхрабрите автори денес, како Ванг Бинг, Лео Каракс.
По што се водевте при изборот на филмовите во документарната програма, по кои критериуми?
– Интуицијата. Интуицијата е многу важен метод во креативната работа и треба многу да се работи за да се негува. Тоа значи неуморно гледање филмови, читање, музика, изложби, но и одмор и многу природа. Можеби звучи како feel-good совет на масовната литература за самопомош, но за да се биде во дослух со творечките тенденции во филмот и уметноста, кои се неверојатно брзи и напорни, потребни се многу енергија и концентрација. Патувам на два-три фестивали месечно и гледам барем еден филм секој ден. Не постои подобра методологија во курирањето – барем не доколку одбиваме да работиме за нечии (корпоративни или лични) интереси. Критериумите се лични за секој кустос, за секој селектор и се создаваат преку изострување на окото, на увото, на константно учење и, секако, во дијалог со колеги и колешки од различни простори, географски и културни. Бидејќи секој филм и дело е субјект за себе и за да го видиме светот што субјектот го носи, треба да знаеме како да влеземе во тој свет. Улогата на селекторката е да креира мапа што нуди различни искуства и простори – а изборот го правиме преку неуморна работа на интуицијата и тоа во нашата професија е најтешко. Не постои формула, не постои метод, не постои начин што функционира за секого: интуитивно градиме аудиовизуелно искуство за јавноста, а тоа е творечки чин. Како и секој творечки процес, изборите се секогаш субјективни и секогаш постои одредена доза ризик. Колку сме поотворени и похрабри, дотолку ризикот е поголем, но и потенцијалот за „успех“. Јас сум од оние што не играат на сигурно – сакам да креирам филмско искуство преку храбри и неочекувани дела и се водам од сопствената интуиција, која е плод на многу работа. Документарната програма на „Манаки“ ја работев од февруари до јули оваа година. Финалната селекција има 12 филма, од над 350 што ги гледав.
Што е она што е тренд, актуелно, денес во светски рамки кога е документаристиката во прашање?
– Актуелното е секогаш најактуелно во документаристиката. Документарниот креативен филм е филм, кој е посветен на животот и живеењето, на она што ни е важно, она што ни го одредува квалитетот на животот, она што нѐ возбудува, она што нѐ ограничува. Документаристиката, со сите нејзини ограничувања, била и останува форма целосно посветена на животот. А животот ги трансформира сите ограничувања во креативни предизвици, бидејќи не постои ништо помагично и непредвидливо од животот. Така, современата документаристика, следејќи ги динамиките на денешницата, е сѐ понепредвидлива и многу возбудлива. Во 2022 г., и на Берлинале и на Венеција, победници, односно најдобри филмови беа креативни документарни филмови. Во светски рамки, на најважните филмски фестивали и културни платформи, возбудата ја носат токму непредвидливите документарни пристапи што внесуваат свежина и нови јазици во филмската уметност. Така што за мене најинтересниот тренд во филмот е документаристиката.
Кои теми се најголем предизвик за авторите на документарни филмови?
– Најголем предизвик се секогаш теми што нѐ тераат да се соочиме со, и критички да преиспитуваме, длабоко вкоренети „вистини“, верувања, а неретко и „историски факти“, кои се продукти на дискурси на моќ. Документарниот филм токму по својата природа е простор на критички однос кон оние што се на позиција на моќ – и овде мислам на најразлични видови моќ – политичка, економска, културна, академска, родова и, секако, на моќта на човекот генерално, преку антропоцентричното разбирање на светот. Секој филмски или уметнички гест што ги бранува позициите на моќ се предизвик – не само за авторите туку и за јавноста, бидејќи никогаш не е лесно да се прифатат алтернативни наративи затоа што тоа значи и себеиспитување, односно тлото под нозе станува несигурно. Одеднаш треба да се одучиме од вредности и идеи кои ни се дел од себе-поимањето. Доколку филмскиот пристап во вакво дело е личен, што речиси секогаш е случај во и со документарното, дотолку предизвикот е потежок. Најтешко е да се креира дело што документира системски неправди и преиспитува позиции на моќ преку лично искуство. Во тој случај авторот или авторката целосно се изложува, а делото се гради од личната фрагилност. Тоа е голем предизвик, особено во систем на вредности каде што фрагилноста е знак на немоќ, неспособност и неподобност, односно причина да бидеме исклучени.
Колку е важен фестивалот „Браќа Манаки“ за македонската кинематографија?
– Меѓународниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ е од суштинска важност за македонската кинематографија, да не бидам нескромна и не кажам дека е најважен. Покрај тоа што ни е еден од ретките мостови со најважните автори и авторки, со кинематограферите од целиот свет, но и со креативни тенденции – фестивалот е и нашиот континуитет во уметноста, која инаку има недостиг од континуитет. Кај нас се ретки иницијативите и проектите што не почнуваат од почеток – а „Манаки“ иако имал многу „почетоци“, сепак оваа година прави 44. Со тоа, „Манаки“ ни ја враќа надежта дека можеме, дека сме дел од светските текови во филмот, но и дека филмот како уметност има шанса и покрај тоа што буџетите за култура се потценувачки и нереални.
Како ја оценувате домашната документарна кинематографија? Дали можеби планетарниот успех на „Медена земја“ направи своевиден пробив?
– Ние сме простор на кој времето му доаѓа допрва, а „Медена земја“ некако и го покажа тоа. Од земја без документаристика одеднаш се случи „Медена земја“. Се надевам дека тоа ќе биде инспирација за сите во филмот да сфатат дека креативниот документарен филм е сериозна филмска форма што заслужува внимание од сите страни: не само во продукциска смисла. Филмските школи имаат посебна одговорност во таа насока и за да не ни се случи „Медена земја“ да биде исклучок, туку најава на сериозна документарна продукција (како што тоа се случува последните неколку години во Србија, Хрватска и во други земји во регионот), треба да почнеме сите да придонесуваме. Од филмските фестивали како што го прават тоа „Манаки“, секако „Македокс“ и сите други помали фестивали, до факултетите за филм.
Вашиот документарец „Молк на разумот“ ја освои Наградата за човекови права на 29. Филмски фестивал во Сараево. Колку ви е важна наградата и сметате ли дека ваквиот тип (ангажирани) филмови можат да направат промена во светот?
– Јас работам помеѓу Скопје и Сараево и авторски, всушност, Сараево ме изгради. Од таа перспектива срцето на Сараево, „Молк на разумот“, е најголемата награда што можев да ја добијам. Секако, наивно е да се очекува еден филм што било да промени. Но верувам во она од 1968 г.: Да бидеме реални, да го бараме невозможното.
Ова е ваш втор долгометражен документарец, по наградуваниот „Вознемирена земја“ во 2021 г. На што работите во моментов?
– Оваа есен е меѓународната премиера на „Молкот на разумот“ и се подготвуваме за тоа, па потоа почнува светското фестивалско претставување на филмот, како и македонската премиера. Во следниот период сакам да се фокусирам на соодветното претставување на филмот на начин што е достоен на темата – воено сексуално насилство над жените. Не би сакала само да влетам во следен проект без да се посветам на потенцијалот што го има филмот. Од друга страна, во многу рана фаза ми е новиот филмски проект за да зборувам отворено за тоа, би сакала да си дадам и себеси, но и на сите соработнички, и време и простор. Соработувам со многу инспиративна група на филмски работнички од Македонија, Италија и од Франција, а самиот проект е сместен во Неапол. Доколку сѐ оди по планот, кон крајот на 2024 г. ќе завршиме со развојната фаза и ќе влеземе во фаза на продукција, односно снимање.