Катерина Илиќ-Нонкуловска, авторка на третонагрaдениот расказ на „Нова Македонија“
Катерина Илиќ-Нонкуловска е авторката на третонаградениот расказ „Посета“ на годинашниот Конкурс за краток расказ на „Нова Македониjа“. Расказот „Посета“ е невообичаен по умешното водење дијалогот, речиси целото дејство е водено во дијалог помеѓу две личности што се разбираат и не се разбираат истовремено, а постои и трет лик, кој е многу важен. Во расказот писателот многу добро и психолошки точно владее со дијалогот, како што вели писателот Александар Прокопиев, член на жирито за изборот.
Катерина се занимава со пишување од рани години, но досега нема објавено книга. Таа работи како брокерка во инвестициско банкарство, што е чиста спротивност на пишувањето.
Што ве поттикна да учествувате на овој конкурс?
– Расказот го напишав во септември годинава и му го испратив на мој близок пријател за да го прочита, кој ми предложи да учествувам на вашиот конкурс. Тогаш првпат чув за конкурсот. Расказот им се допадна и на моите најблиски и се надевав дека ќе побуди чувства и кај други читатели.
Како дознавте за наградата?
Многу бев изненадена кога дознав. Голем комплимент е уважување од жири на едно толку високо ниво. И верувајте, не е баш згодно човек да се расплаче од среќа, со отворен весник, чекајќи во редица пред каса во супермаркет.
Сознанието дека текстот во кој преточив дел од себе допрел до други луѓе е награда што најмногу ми го топли срцето.
Што ве поттикна да го напишете расказот?
Парадоксот на слатко-горчливиот вкус на животот и статистички неизвесниот џекпот да се биде дел од овој свет, со сета негова суровост и неизмерна убавина, се неисцрпни теми за пишување. Од почетокот до крајот на расказот ги имав истите испреплетени чувства на длабока тага од губиток и бескрајна љубов, која, како и енергијата, никогаш не исчезнува. Овие чувства се универзални и верувам дека сите нѐ засегаат, но нѐ засегаат многу силно и интимно.
Дали ова е ваш прв посериозен обид на полето на литературата?
Многу читав и пишував во детството. Во тој период имав објавени песни и раскази во неколку списанија и награди на конкурси. Потоа професионално се насочив во друг правец, но верував дека еден ден ќе му се вратам на пишувањето или тоа ќе ме пронајде мене, тогаш кога ќе имам што да кажам. Долги години подоцна, ова е мојот прв завршен текст.
Во училишните денови сте биле дел од повеќе работилници, секции, меѓу кои и од филмската. Дали тоа кај вас поттикна афинитети за пишување?
Да, апсолутно. Во тоа време речиси сите бевме дел од клубови и работилници. Имав среќа што неколку професори инспиративно влијаеја на цели генерации, како на пример проф. Стефан Сидовски. Истовремено, моите најблиски, семејството и пријателите, се инспиративни луѓе, со префинет вкус за уметност. Филмот и музиката и денес се дел од секојдневието во моето семејство и моја голема љубов.
Сепак, вашата професија, брокерка, нема никаква врска со литературата. Како произлезе овој необичен спој?
Да, мојата професија е поврзана со бројки, чиста спротивност. Професионално се насочив во сосема различна област, инвестициско банкарство, кое нема допирни точки со литературата. Но и солената карамела е необичен изум, па, сепак, функционира.
Дали можеби наградата ќе ве поттикне во иднина повеќе време да му посветите на пишувањето?
Апсолутно. Оваа реномирана награда многу ми значи, а особено откако ги прочитав другите наградени раскази, кои се извонредни. Во отсуство на активно дружење, кино, театар, концерти, во овој долг период на изолација, почувствував потреба да си посветам време себеси, на саканите луѓе и на убавите нешта, како уметноста.