По 14-ти пат се одржа свечен концерт по повод меѓународниот проект „6 Мај – Светски ден на хармониката“

Зорица Каракутовска, професорка по хармоника

Во организација на македонското здружение „Љубители на класичната музика“, во саботата, по 14-ти пат се одржа свечен концерт по повод меѓународниот проект „6 Мај – Светски ден на хармониката“ во НУ Филхармонија. Во 2009 година, Светската унија на хармоникашите донесе одлука 6 Мај да го прогласи за Ден на хармониката, бидејќи на тој датум во 1829 година е патентирана првата хармоника. Оваа манифестација за првпат беше предложена и организирана по повод 180-от роденден на хармониката. Почнувајќи од 2011 година, свечениот концерт по повод 6 Мај е финансиски поддржан од Министерството за култура, како проект од национален интерес.

– Нашето здружение од самиот почеток се приклучи кон меѓународниот проект „6 Мај – Светски ден на хармониката“, со успешна реализација на концерти што служат како пример за најдобро организиран проект во светски рамки – истакна Зорица Каракутовска, професорка по хармоника и камерна музика на Факултетот за музичка уметност во Скопје и претседателка на здружението „Љубители на класична музика“.

По 14-ти пат организирате свечен концерт. Која беше годинешната програма?
Горди сме што оваа манифестација во Македонија прерасна во своевиден бренд, настан за кој секогаш се бара карта повеќе. На програмата и оваа година ќе се најдат дела за соло-хармоника, како и дела за камерни состави. Ќе бидат изведени оригинални дела напишани за инструментот хармоника, но и транскрипции од дела напишани за други инструменти. Годинава ќе слушаме композиции од Семјонов, Золотарјов, Зубицки, Моцарт, Пјацола, Бете Илин и други.

Колку македонското творештво, македонските дела ќе бидат застапени на концертот?
Секоја година на концертот премиерно изведуваме дело од македонски композитор, така ќе биде и оваа година. Претседателот на Светската унија на хармоникашите, г. Мирко Патарини од Италија, премиерно ќе изведе дело од македонската композиторка Бете Илин. Народната музика е неисцрпна инспирација за творење дела што во себе го обработуваат фолклорот. Македонската музика е ризница на инспиративни мелодии, а специфичниот сложен ритам е предизвик и за компонирање и за изведба. Делото на Бете Илин што премиерно ќе се изведе годинава е насловено „Дафино“ и е инспирирано од прекрасната македонска народна песна „Дафино вино црвено“.

Вбројана сте меѓу најдобрите светски современи хармоникаши…
Неодамна се најдов меѓу најдобрите светски современи хармоникаши во енциклопедијата „Акордион анд ворлдс бест контемпорари акордианистс“, во издание на „Тајмс сквер прес Њујорк“, која ја подготвиле група американски музиколози. Со моето претставување во енциклопедијата се оддава почит кон македонската школа за класична хармоника, чија основоположничка сум.

Од основањето, здружението успешно работи на презентација на македонските изведувачи на класична музика на хармоника. Како успеавте да остварите највисок статус во Унијата на хармоникашите? Какви успеси бележите?
Здружението „Љубители на класична музика“ е членка на Светската унија на хармоникашите од 2001 година. Од основањето до денес, здружението успешно работи на презентација на македонските изведувачи на класична музика на хармоника, го поддржува и презентира македонското творештво за овој инструмент, ги афирмира македонските изведувачи на домашната и светската сцена и остварува културна соработка со меѓународни организации и асоцијации. Благодарение на континуираните успеси во светот на хармониката, нашето здружение има највисок статус во Унијата – премиере вотинг мембер.
За мојата успешна педагошка дејност добитничка сум на повеќе престижни признанија и награди. Меѓу нив се издвојуваат наградата „13 Ноември“ на Град Скопје, наградата за повеќегодишни успешни остварувања од областа на музичката педагогија, доделена од Музичките и балетски педагози на Македонија, и најпрестижната награда во светот на хармониката „ЦИА мерит аворд“. Со доделувањето на оваа награда, во 2017 година, во рамките на 70-от јубилеен натпревар „Купе мондијале“, Светската унија на хармоникаши ми оддаде признание за мојата досегашна работа, со што ме вброи во елитата на светски професори и изведувачи на хармоника, заедно со Вјачеслав Семјонов, Фридрих Липс, Владимир Зубицки, Јури Шишкин, Мика Ваиринен и др.
Знаејќи колку се важни подмладокот и образованието на младите за растот и развојот на академското изучување на некој инструмент, пред десет години здружението започна да организира фестивал на млади хармоникаши. На фестивалот учествуваат и успешно се претставуваат околу 60 ученици од основните и средните училишта во Македонија.


Инспирација од богатото македонско творештво

Македонската композиторка Бете Илин компонираше дело што премиерно беше изведено на свечениот концерт од претседателот на Светската унија на хармоникашите, Мирко Патарини од Италија.
– Навистина се чувствувам привилегирано што македонските хармоникаши во сиве изминати години ми ја укажуваат нивната доверба да компонирам композиции што премиерно се изведуваат на концертите по повод Светскиот ден на хармониката. За моите композиции многу често црпам инспирација од богатото македонско творештво, што беше случај и оваа година. Македонските парафрази инспирирани од македонски песни што ги творев за триото „Акордиом“ во првите години од одбележувањето на празникот на хармониката во годините потоа беа реаранжирани за различни состави и постигнаа големи успеси на светските сцени – истакнува Бете Илин.
Делото на Бете Илин е со наслов „Дафино“ и е инспирирано од прекрасната македонска народна песна „Дафино вино црвено“.