Во близината на чешкиот град Долни Вестонице се наоѓа истоимениот археолошки локалитет каде што е пронајден портретот издлабен од слонова коска

Пред повеќе од 25.000 години, античките луѓе издлабиле портрет од слонова коска, кој веројатно претставува женски лик наречен Венера XV. Портретот се наоѓа на еден од најпознатите палеолитски локалитети, Долни Вестонице, Чешка, кој почнал да се истражува уште во далечната 1924 година. Археолошките ископувања се спроведувани секоја година од Карел Абсолон, во име на чехословачката институција, Провинцискиот музеј Моравија. Тој го воодушеви светот со низа уникатни откритија до 1938 година, кога германската војска го окупира Долни Вестонице, пишува магазинот „Сè за археологијата“.
Археолошките ископувања продолжиле и по војната и траеле до 2009 година. На локалитетот досега се пронајдени околу 2.300 фрагменти од фигурини од тули, од кои повеќето претставуваат животни како лавови, носорози или мамути, а покрај нив се и два приказа на жени (едниот од глина, а другиот од слонова коска). Локалитетот е богат со докази за населување на ловџиска популација, се одликува и со богатство на уметнички и украсни артефакти, ритуални гробници и најстари докази за користење нови технологии (керамика и текстил).
Портретната глава на Венера направена од слонова коска од мамут е мала по димензии: висока е 4,8 см; широка 2,4 см и со дебелина од 2,2 см. Може да е лик на маж или на жена, но се претпоставува дека е женска претстава. Фризурата има форма на пунџа. Засечената линија го означува врвот на челото, што прикажува издолжено лице. Веѓите се внимателно исцртани над екстремно деталните очи, носот и устата се пропорционални. Нема уши, но тие можеби се покриени со косата. На едната страна од лицето се забележува мала деформација. Една од причините поради кои се верува дека овој артефакт е портрет на одредена жена, а со тоа и првиот познат приказ на човечки лик досега, е тоа што при ископувањата во 1920-тите се пронајдени неколку гроба на жени, а во подоцнежните години и многу други.