Почна Вевчанското културно лето
Со промоција на романот „Велиново“ од авторот Димче Парталоски, свечено беше отворено десеттото јубилејно културно лето – „Вевкул“. Романот е посветен на вевчанскиот случај со водата што е во исто време и одбележување на 35-годишнината од немилиот настан од 1987 год., кој ја потресе тогашна Југославија. Наедно, годинава „Вевкул“ одбележува уште два значајни јубилеи: 680 години од првото споменување на името на Вевчани во пишуван историски документ (1342 година) и 78 години од конечното ослободување на населбата.
Следната промоција е на книгата поезија „Татковиот аманет“ од Димче Шипинкаровски, а на 6 август ќе биде промовирана новата книга со песни посветени на мајката на истакнатиот вевчански афористичар и поет Сашо Бетоски. Во низата промоции ќе бидат промовирани уше две книги со песни, „Тајнописец“ од Верица Мукоска и научноисториската публикација „Синдромот на самоуништувањето на македонската десница“ од познатиот публицист и колумнист Васил Костојчиноски. Значајно е да се истакне дека сите петмина автори се вевчанци. Покрај петте промоции на книги ќе се одржат и две изложби, првата со наслов „Илустрациите на книгите за деца од македонски автори – поттик и инспирација за читање кај децата“ на Билјана Лотеска и изложбата на слики на Дафина Шекуткоска. Ќе се одржи и вечер посветена на ликот и творештвото на истакнатиот македонски писател Јован Котески, по повод 90 години од неговото раѓање, а на 17 септември – Денот на конечното ослободување на Вевчани во (1944 г.), ќе се одржи Меѓународното матине крај Вевчанските Извори, со учество на поети од Македонија, Србија, Хрватска, Црна Гора, Косово и други земји.
Она што го прави оригинално десеттото јубилејно Вевчанско културно лето е одржувањето трибина на темата: „Македонскиот народ во соседните земји – Бугарија, Грција, Албанија, Србија“ – состојби, реципроцитет и перспективи“ на крајот на септември. Учесници ќе бидат Стојко Стојков од Пиринска Македонија, архимандрит Никодим Царкњас од Егејска Македонија, Кимет Фетаху од Албанија и претседателката на Националниот координативен одбор на Македонците во Србија.