Привршуваат годинашните истражувања на археолошкиот локалитет Врбјанска Чука, кај Славеј, во Пелагонија. Традиционално, при крајот на ископувањата, Центарот за истражување на предисторијата, заедно со Прилепскиот џез-викенд, организира концерт за да се афирмира локалитетот. Вчера, во рамките на археолошката сонда, се одржа перформанс на музика изведена на археолошки алати и барабани. Концертот, насловен „Кој тоа чука на Врбјанска Чука?“, се концентрира на создавање ритам инспириран од звуците при археолошките истражувања и од сознанијата добиени преку проучувањата на луѓето што живееле во неолитската населба.
Годишните истражувања, кои се одвиваат веќе седма година, беа насочени кон последните етапи на неолитската населба. Главната цел на проучувањата била да се види како нејзините жители живееле пред таа да биде напуштена и дали овие форми на живот се разликуваат од оние во почетоците на оваа населба околу 6000 година пр. н.е. Поради тоа научната работа беше насочена на архитектурата и материјалната култура од овие крајни фази во периодот околу 5700 година пр. н.е.

– Во рамките на овие мултидисциплинарни истражувања, а во кои учествуваа стручњаци и студенти од Македонија, Германија, Швајцарија, Италија и Србија, се открија остатоци од повеќе градби обновувани во неколку фази, како и фрагменти од садови, жртвеници, фигурини и алатки што укажуваат на динамичниот живот на неолитските луѓе во последните етапи од населбата. Овие проучувања, кои се во соработка меѓу Центарот за истражување на предисторијата, Заводот и музеј – Прилеп и Универзитетот во Базел, продолжуваат и понатаму со кабинетски анализи на археолошките наоди и органските остатоци и ќе се публикуваат во научни списанија. Теренските и кабинетските истражувања се финансиски поддржани од македонското министерството за култура и од Фондот за истражување и заштита на предисториските тумби од Германија – вели археологот Гоце Наумов, раководител на проектот.

Ка.М.