Од светското кино
Минари претставува зелен листен зеленчук, популарен во корејското готвење. Во филмот на режисерот Ли Исак Чунг од 2020 година, со идентичен наслов, ова растение цвета во коритото на реката Арканзас во САД, но истовремено е искористено и како метафора во филмот.
Во 1980-тите, семејство по потекло од Јужна Кореја ја напушта Калифорнија, за да се занимава со земјоделство во близината на Озарки. Родителите (Стивен Јун и Јери Хан) работат во локална фабрика за преработка на живина, но Џејкоб има претприемачки амбиции. „Минари“ е делумно приказна за неговата борба да почне бизнис. Но на фармата не се сите среќни. Живеат во приколка поставена среде ливада, далеку од сите соседи. Изолацијата ѝ пречи на Моника, која не го поддржува целосно својот сопруг. Дејвид, помладото дете, има срцева болест, што ја зголемува грижата на неговата мајка.
Филмот има слоеви на меѓугенерациска драма и семејна комедија, особено со пристигнувањето и преселбата на мајката на Моника. Ова е хрониката на едно имигрантско семејство, често раскажувана тема во литературата и во популарната култура, но секое семејство, секој член на семејството, има посебни искуства и спомени. Допирот на режисерот Чунг е внимателен и прецизен, нималку здодевен, сметаат критичарите. Филмот изобилува со прекрасни дијалози и одлична продукција.
„Минари“ освои „златен глобус“ за најдобар странски филм и „оскар“ за најдобра актерка во споредна улога. Има добиено 109 награди и 32 номинации.
Тоа е филм на американска продуцентска куќа, снимен во САД, под режисерската палка на американски режисер со корејски корени, но не подлежи на американскиот сензационализам. Дијалозите се делумно на корејски, а делумно на англиски јазик, што дава автентичност во зависност од ситуацијата во која се наоѓаат ликовите, а ситуациите се различни – од меланхолични и тажни до хумористични.