Неодамна во Софија беше отворена патувачката мултимедијална изложба на историскиот стрип „ЦАН фор Балканс“, на која една четвртина од изложените дела се на македонски автори. Изложбата беше поставена во најголемиот изложбен центар во Бугарија, во Домот на Сојузот на бугарските уметници, попознат како „Шипка 6“. Организатор на изложбата е Историскиот музеј на округот Брашов, во Романија, а нејзин куратор е директорот на оваа установа – Николае Пепене. Во Софија таа е поставена во рамките на манифестацијата „Софија комикс експо“, чии организатори се Сојузот на бугарските уметници, секција стрип и „Проектот д`га“.
Изложбата е дел од истоимениот повеќегодишен меѓународен проект за историски стрип, кој преку програмата „Креативна Европа“ е кофинансиран од Европската Унија. Почнувајќи од октомври 2022 година, досега изложбата беше поставена во Брашов, Тирана, Брисел, Лесковац, Велес и во Букурешт, а во нејзината имплементација е вклучен и Стрип-центарот на Македонија со седиште во Велес. Покрај стриповите на теми од македонската национална историја, другите три сегмента од изложбата се посветени на романскиот, албанскиот и на српскиот историски стрип.
Меѓу македонските автори што со свои стрипови беа претставени на групната изложба „ЦАН фор Балканс“ беа: Љубомир Филиповски, Миле Топуз, Диме Иванов-Димано, Коле Манев, Славчо Темков, Драган Ташковски, Илија Јордановски, Дарко Богданов и Александар Стеванов, кој е и истражувач и селектор на изложените македонски дела. По предлог на Стеванов, како најемблематичен лик од македонските историски стрипови беше избран едноокиот Самуилов војник Никола од стрипот „Одмазда на еднооките“ на Филипов, кој на изложбата беше поставен на посебно пано отпечатено во реална величина.
– Меѓу личностите од македонската историја застапени во изложените стрипови спаѓаат Александар Трети Македонски, цар Самуил, Хацон, Пребонд, Св. Кирил и Методиј, Св. Климент Охридски, војводата Ивец, цар Гаврил Радомир, Ѓорѓи Војтех, Карпош, Сирма војвода и гемиџиите, како и хероите од илинденскиот период и од НОБ. Со оглед на тоа што повеќето од овие стрипови се придржуваат до историските факти, интересно е да се спомне дека дел од нив долги години беа користени во образовниот систем како помагала по предметот историја – изјави селекторот на македонскиот дел од изложбата, Александар Стеванов.
Ова беше прво претставување на македонскиот стрип во Бугарија по 2010 година, кога во галеријата „Алтер его“ при културниот центар „Средец“ во Софија беше поставена изложбата „Нови стрип соседства“. Во Домот на Сојузот на бугарските уметниците во Софија беа поставени и изложби на бугарскиот национален историски стрип и на популарната српска стрип-серија „Вековници“. С.Ј.