На Меѓународниот саем на книгата во Пекинг, Кина, кој заврши вчера, на штандот на издавачот „Делфин книги“ беа изложени и изданија на „Македоника литера“ на македонски јазик, која во соработка со својот партнер „Делфин книги“ од Пекинг, специјализиран издавач за литература за деца што работи во рамките на корпорацијата ЦИЦГ, досега публикуваше 18 книги. Книгите се од сериите: „Најдобрата кинеска литература за деца“, серија од пет книги со најдобрата проза на најчитаниот жив писател за деца во светот Шен Шиси, серија од пет книги „Кинески народни приказни“, а со две книги неодамна ја започна и серијата „Најдобрата фантастична кинеска литература за деца“.
Книги на македонски јазик во издание на „Македоника литера“ беа изложени и на штандот на најголемиот кинески издавач за образовна и јазична литература ФЛТРП, кој работи во рамките на Универзитетот за странски јазици во Пекинг. На штандот на овој издавач беа изложени некои од сериите за клучните концепти во кинеската мисла што последниве години ги публикуваше „Македоника литера“. Книги на „Македоника литера“ на штандовите на нејзините кинески партнери на овој саем се изложуваат од 2018 година до денес.