Предавање на темата „Уметност или разонода? Комедиите на Јасмина Реза и нивната рецепција од Париз до Бродвеј“ на Деспина Ангеловска, професорка на Факултетот за драмски уметности во Скопје, ќе се одржи денеска, во 12 часот, на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во салата за седници. Предавањето е во организација на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје и на Катедрата за романски јазици и книжевности, во рамките на отворањето на седмото издание на манифестацијата „Денови на франкофонијата на Филолошкиот факултет ’Блаже Конески’ – Скопје“.
Јасмина Реза (1959) е една од најзначајните и најпоставувани современи драмски авторки. Нејзините пиеси се преведени на повеќе од триесет и пет јазици и се играни во најреномираните театри низ целиот свет, па дури и на Бродвеј. Нејзината култна пиеса „Арт“ (1994), која доживува вртоглав успех и со која Јасмина Реза се прославува во светски рамки, денес е најиграната француска пиеса по комедиите на Молиер. Успехот, пак, што нејзината пиеса „Богот на масакрот“ (2006) ќе го доживее кај критиката и публиката ќе го засени дури и оној на „Арт“. Познатиот филмски режисер Роман Полански ќе го сними филмот „Масакр“ (2011) според оваа пиеса на Реза, при што таа се јавува како авторка на сценариото.
– Парадоксално, и покрај огромниот успех во светот, во текот на долги години драмското дело на Реза не наидува на толку позитивен прием и разбирање кај француската театарска критика, која го класифицира и деградира како „театар на разонода“ или „булеварски театар“, наменет, пред сè, за профитабилно прикажување во приватните театри. Меѓутоа денес пиесите на Јасмина Реза се предмет на голем број театролошки анализи и рефлексии, кои ги обновуваат нивните повеќеслојните квалитети, во континуитет со театарот на авангардата од дваесеттиот век.

Субвертирајќи ги традиционалните категории и поделби под маската на комедијата, пиесите на Реза му подаваат огледало на гледачот во кое тој може да се препознае, но и да ги види најуниверзалните прашања за смислата на животот или на уметноста – вели Деспина Ангеловска (Скопје, 1971), театролог и професорка на Факултетот за драмски уметности во Скопје и авторка на голем број научни, есеистички и книжевни публикации.
По завршувањето на додипломските и на магистерските студии на Институтот за театарски студии при универзитетот „Нова Сорбона Париз 3“, во 2005 г. Ангеловска ја брани својата докторска теза посветена на творештвото на францускиот современ драмски автор Бернар-Мари Колтес на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. На крстопат меѓу француската и македонската култура, живеејќи и истражувајќи долги години на релацијата Скопје – Париз, Ангеловска е одлична познавачка на актуелните трендови и клучни појави во францускиот и светскиот театар. Во своите истражувања и публикации, таа ја анализира деконструкцијата на традиционалните категории во современата драма, размислувајќи за новите предизвици на театарот денес.
Ангеловска е авторка на книгата „Драматургијата на децентрирањето: Бернар-Мари Колтес, патување кон рабовите“, како и на многу поглавја и трудови посветени на театарот објавени во научни книги и списанија. Ангеловска е и преведувачка на голем број драмски. книжевни, филозофски и теориски дела, од француски на македонски, меѓу кои: Жан Бодријар, Лис Иригаре, Бернар-Мари Колтес, Роберто Зуко, Игор Штикс, Жан-Франсоа Лиотар, Андре-Ив Портноф и други. В.Д.