Не дели само еден ден од доделувањето на „оскарите“и неизвесноста е голема. И покрај годината обележана со пандемија што е зад нас и големите пречки во филмската индустрија, по сѐ изгледа дека конкуренцијата за најголема филмска награда е посилна од кога било. Стриминг–услугите се враќаат во арената против големите студија, а Нетфликс зеде дури 35 номинации. Од нив, дури 10 носеше црно-белиот филм на Дејвид Финчер, „Манк“. Во најважните категории, тој беше номиниран за најдобар филм, режисер и за најдобра актерка.
Сега многумина се прашуваат дали овој филм на крајот ќе биде прогласен за најдобар и најнаградуван и кои златни статуетки може навистина да ги освои „Манк“.
Приказната е ремек–делото „Граѓанинот Кејн“. Влегува во 1940 година и Херман Манкиевич се натпреварува со времето за да го заврши сценариото за филмот, кој подоцна ќе се смета за едно од најважните филмски остварувања досега. Прикован за кревет поради сообраќајна несреќа, Манкиевич има само 60 дена да го доведе сценариото до совршенство, додека Орсон Велс работи на други проекти. Вака Дејвид Финчер ја почнува приказната за создавањето на сценариото за филмот „Граѓанинот Кејн“.
Улогата на Херман Манкиевич, генијалниот сценарист и автор, ја игра Гери Олдман. Тој е циничен, директен и духовит, а неговиот проблем со алкохолот дополнително ги комплицира пишувањето и неговото нормално функционирање. Додека се обидува да го заврши сценариото, тој пишува, пие и пуши цел ден, а негова поддршка е Рита Александар (Лили Колинс), неговата асистентка, која наедно се грижи за него.
Филмот нѐ враќа во 1930-тите години, кога Манкиевич влегува во кругот на луѓе од високата класа, меѓу кои се издвојува Вилијам Рендолф Харт (Чарлс Танц), голем медиумски магнат во тоа време, кој го користи како инспирација за ликот на граѓанинот Кејн.
Актерката што ги воодушеви критичарите во „Манк“ е Аманда Сејфрид. Таа повторно е во фокусот, по неколку не многу успешни проекти, сега е номинирана за најдобра споредна женска улога за, како што пишуваат медиумите, „улогата на нејзината кариера“.
Веројатно најбезбедните статуетки меѓу десетината номинации на „Манк“ се оние за кинематографија, сценографија, но и за костимографија, шминка и фризура. Најмногу затоа што „Манк“ е визуелно препознатлив и прекрасно снимен филм и тоа е неговата силна страна, заедно со главните ликови и интересниот заплет.
Финчер со ова дело му оддаде почит на стариот Холивуд: од употребата на црно-белата филмска техника, веродостојната костимографија, дијалозите, музиката… И не само површно туку навистина гледачот го носи во тој период. Иако не е за секого, бидејќи бара основно познавање на приказната што ни ја раскажува, „Манк“ е добар филм, сметаат критичарите.
Според нив, да не беше толку силна конкуренцијата годинава, можеби ќе триумфираше во неколку категории.
Сепак, шансите „Манк“ да биде прогласен за најдобар филм, покрај „Номадленд“, „Минари“ и „Промисинг јанг вомен“, се релативно мали.
Но Дејвид Финчер може да освои „оскар“ за режија. Се води вистинска трка помеѓу него и Клои Жао („Номадленд“). А што се однесува за шансите за „оскар“ за најдобра машка улога, иако Гери Олдман брилира во изведбата, покрај Ентони Хопкинс и Чадвик Босеман, исто така не му предвидуваат статуетка.
Подготвил: Даниел Варбанов