Драго Јанчар, словенечки писател
Наградата „Прозарт“, која интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ по 11. пат му ја доделува на истакнат автор за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот, годинава му припадна на словенечкиот писател Драго Јанчар. Како романсиер, раскажувач, драматург и есеист, Драго Јанчар е централна фигура во современата словенечка литература. Неговите романи, есеи и раскази се преведени на 33 јазици и објавени во Европа, Азија и во САД. Додека неговите драми, поставени од голем број странски театри, дома се сметаат за најважни настани во словенечката театарска сезона.
По завршувањето на Средното хемиско училиште, се запишал на Правниот факултет во Марибор, каде што станал уредник на студентскиот весник. Наскоро дошол во судир со комунистичките власти околу неговите критички текстови против владејачкиот режим. Во 1974 година бил уапсен од југословенските власти под обвинение за „ширење непријателска култура“. Јанчар бил затворен една година, но откако ги отслужил првите три месеци, бил ослободен. По завршувањето на воена служба, Јанчар се посветил на пишувањето и оттогаш неговата кариера оди во нагорна линија.
Како лауреат на меѓународниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ наскоро доаѓате во Скопје. Дали сте возбудени, какви се вашите очекувања од средбата со македонските писатели и публиката?
– Неодамна, три мои книги се објавени на македонски јазик, но, за жал, епидемијата на ковид и други околности ме спречија да се сретнам со моите преведувачи, читатели и издавачи. Фестивалот ќе биде убава можност барем донекаде да се случи ова и со нетрпение го очекувам. Се разбира, со нетрпение очекувам да разменам мислења со колеги писатели и да ги видам улиците на градот по кој некогаш сум шетал.
Познат сте како еден од најзначајните словенечки писатели. Дали уживате во таквата квалификација? Колку е долг патот за еден писател да ја „заработи“?
– Ако некој е доволно долго наоколу, тогаш станува „еден од најзначајните писатели“. Но тоа го слушам откако бев млад и не ми пречи, но вистината е дека тоа носи малку поголема одговорност затоа што понекогаш читателите очекуваат повеќе отколку што може да издржи мојот креативен потенцијал.
Завршивте Правен факултет, а потоа работевте како новинар. Како сето тоа стана дел од вашиот креативен процес во пишувањето литература?
– Никогаш во животот не сум се занимавал со право. Освен кога законот се занимаваше со мене, но тогаш моето скромно правно знаење не ми беше од корист. Затоа што живеев во време кога често важеше турската изрека: судија те тужи, судија те суди. Но моето кратко време како новинар беше многу интересно и плодно за моето подоцнежно пишување. Тоа е динамична работа, која е спротивна на литературното пишување, но ви ја дава големата слика за ликовите и светот.
Поради книжевниот отпор што го имавте против комунистичкиот режим во поранешна Југославија, поминавте одредено време и во затвор. Како најдовте храброст да продолжите со острите политички коментари и граѓанската активност?
– Ах, тоа беше кратка епизода во мојот живот, и корисна на свој начин, за литературата. Во затворот запознав луѓе што инаку не би ги запознал. Подоцна напишав роман, „Зуење во главата“, со помош на ова искуство. И во затворот ги направив првите белешки за мојот роман „Галиот“, кој е за инквизицијата и ловот на вештерки. Тешката работа беше што не ми дозволија да објавувам неколку години. За млад амбициозен писател, тоа е понепријатна казна од затвор. Тогаш, парадоксално, тоа беше романот за инквизицијата што ме крена на нозе. Конечно излезе романот „Галиот“, постигна голем успех, почнаа да се појавуваат преводи и се вратив во јавниот живот. Така, литературата беше таа што ме охрабри и ми помогна да живеам..
Се обидувате да влезете во најтемните и најпредизвикувачките зони на човековата свест. Колку тоа влијае на вашето секојдневно функционирање?
– Моето секојдневие ги избегнува темните области, претпочитајќи смеа, виталност и оптимизам. Но кога за време на пишувањето премногу длабоко гледам во бездната на животот и историјата, понекогаш лошо спијам, признавам. Во моите соништа, некои настани што сум ги измислил ми поминуваат низ умот, ми ја кинат потсвеста.
Вашата збирка раскази „Џојсовиот ученик“ е преведена на македонски јазик. Издавачот вели дека покрај целата бруталност и смрт, читателот не ја чувствува книгата како нешто темно и депресивно. Дали во тоа помага вашата смисла за хумор?
– Многу сум му благодарен на издавачот за ова мислење. Се разбира, хуморот е присутен насекаде, не експлицитно, туку во разиграноста на зборовите и приказните.