Во галерија „Рудиќ“, утре во 19 часот, ќе биде отворена изложба на фотографии на Александрос Вретакос, под името „Вевчански бајки и кошмари“.
Александрос Вретакос е грчки фотограф од Кожани, кој го снима карневалот во Вевчани во последните осум години.
– Барајќи на интернет пред осум години интересни фото дестинации на Балканот со карневалска тема, наидов на селото Вевчани. Оттогаш, секоја година го фотографирам континуирано. Од првата година ги запознав нејзините жители и со некои од нив станавме одлични пријатели. Бев многу импресиониран од гостопримството на жителите, и од нивната приемчивост и отворени врати насекаде – вели Вретакос.
Карневалот, кој се одржува секоја година во средината на јануари, традиционално се поврзува со почетокот на новата година и прославата на Дедо Мраз. Овој локален обичај ја покажува големата љубов на мештаните кон нивното село. Како и оправдана гордост што „модерните години“ не успеале да ги променат и да ги оттргнат од корените. Тоа е место кое се спротивставува на промените бидејќи е самодоволно. Голема предност за нашето време. Од првиот ден бев импресиониран од масовното учество на жителите на нивниот традиционален карневал. Традицијата вели дека мора да направат свои маски кои ќе ги запалат на крајот на карневалот и ќе се ослободат од своите улоги.
– Традиционалниот карактер на карневалот и неговата автентичност ме маѓепсаа. Се обидов да се инфилтрирам фотографски и да ги тргнам моите кадри подалеку од воспоставената парада на карневалски веселби по главната улица. Инсистирав да ги изолирам маскираните луѓе на моите фотографии, обидувајќи се да ја репродуцирам атмосферата на мистерии и енигми што ги сретнав околу мене. Многу посетители мислат дека сè започнува и завршува со парадата. Наместо тоа, сè започнува многу порано и завршува во попладневните часови наредниот ден. Некои од моите ноќни фотографии не прикажуваат карневали, туку само рурални куќи. Ги ставив во истиот проект затоа што мислам дека ја имаат оваа заканувачка карневалска атмосфера. Конечно, верувам дека за да се ужива во карневалот во Вевчани, треба да се прифати неговото претерување и да се почитува неговата историја – истакна Вретакос.
Тој почнал интензивно да се занимава со фотографија за време на студиите во Нови Сад, како член, во тоа време, на еден од најзначајните југословенски фотоклубови Бранко Бајиќ. Таа југословенска школа на фотографија сè уште се отсликува на неговите фотографии. Неговата фотографија се карактеризира со различни теми и техники што ги користи. Во повеќето негови проекти се открива надреалистичко расположение.
Имал 60 самостојни изложби и три последователни учества со изложби на фотобиеналето во Музејот на фотографија во Солун.