„Реминисценции“ е насловена изложбата на цртежи од Страхил Петровски што ќе биде отворена денеска во Струмица, во организација на здружението „Контекст-Струмица“, како дел од неформалниот тековен концепт-проект „Ѕид на уметноста.
– „Реминисценции“ содржи 12 дела што меѓусебно се дополнуваат, дејствуваат и го окупираат просторот со експресија што е препознатлива во неговиот визуелен израз. Мрачни предели, брзи храбри движења, перфекционистички минимализам, независно преку кои димензии и формат се изразува, спектаторот не останува рамнодушен… Со неговиот манир и начин на изразување тој гради кумулативна атмосфера, истовремено илузорна и сеприсутна – вели Митко Гогов, организатор на оваа серија изложби.
Страхил Петровски е претставник на средната генерација визуелни и мултимедијални уметници. Неговата уметничка практика опфаќа повеќе форми и медиуми на изразување, како што се: сликарство, инсталација, концептуална уметност, фотографија и видеоуметност. Петровски, особено во последните години, користи теми поврзани со егзистенцијализмот и социополитички прашања, како постконцептуален дискурс, но и длабоко естетски решенија како формалистички интерес.