Првата самостојна изложба на уметницата Невена Алексовски кај нас, насловена „Земјата во нашите џебови“, е отворена во просториите на „Прајват принт“. На изложбата беше промовирана и нејзината нова книга, насловена „Меланхолија на напуштените краишта“. Изложбата е во рамките на јубилејното издание на фестивалот за феминистичка култура „Прво па женско“.
Невена Алексовски е словенечка уметница со македонско потекло, која е активна на словенечката независна уметничка сцена со голем број самостојни и групни изложби. Со изложбата „Земјата во нашите џебови“ ги истражува нејзините семејни корени, потеклото и припадноста и односот кон земјата. Тргнувајќи од сопственото и семејното искуство на преселба, таа го претставува сложеното преплетување на историјата, родот и личните географии, дополнето со разновидни социополитички пластови. Преку уметнички приказ на личното преселничко искуство, односот со предците и со семејната историја, таа се обидува да упати на универзалноста во овие искуства.
Изложбата е курирана од Јана Старделова.