Оваа недела почна манифестацијата со која се обележува италијанскиот јазик во светот, која е посветена на темата „Италијанскиот јазик и одржливоста“, со осврт на еден од најзначајните италијански писатели, Итало Калвино, токму на стогодишнината од неговото раѓање. Амбасадата на Италија во Скопје, во соработка со институциите што ја промовираат италијанската култура во Македонија, подготви богата програма.
Неделата на италијанскиот јазик во светот почна со научниот собир „Како го читаме Калвино денес: наследство, рецепција, преводи“, на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, а на настанот присуствуваа Рино Капуто, почесен професор на универзитетот „Тор Вергата“ од Рим и автор на есеи и книги за италијанската литература, потоа македонските писатели Влада Урошевиќ и Гоце Смилевски, како и кураторката на семинарот и раководителка на Катедрата за италијански јазик и книжевност, Анастасија Ѓурчинова. Во оваа пригода беше отворена и изложбата „Калвино овде и на други места“, која нуди визуелно патување низ изданијата на книгите на Калвино објавени на многу јазици на светот, вклучувајќи и на македонски јазик.
По повод триесетгодишнината од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу Италија и Македонија промовирана е комеморативната поштенска марка, реализирана во соработка со АД Пошта, чиј графички дизајн беше избран на конкурс. На 24 октомври, љубителите на природата, планините и екотуризмот ќе можат да уживаат во презентацијата на првиот опширен водич за планинскиот и културен туризам во Македонија на италијански јазик, напишан од Алесио Ликуори (прв секретар во Амбасадата на Италија во Скопје од 2017 до 2021 година).
На 30 и 31 октомври ќе се одржат две поетски вечери во Куманово и во Скопје. Во Куманово ќе се одржи настанот „Македонски погледи и видливи градови“, кој го истражува односот меѓу местата и поезијата преку страниците на стихозбирката „Македонски погледи“ на авторите Марио де Роза и Ернесто Ередеро дел Кампо, објавена на четири јазици: италијански, македонски, англиски и шпански. Следниот ден во „Даутпашиниот амам“ во Скопје ќе бидеме сведоци на поетското патување меѓу Италија и Швајцарија опишано во делата на италијанско-швајцарската поетеса Лучила Трапацо. Вечерта е организирана во соработка со швајцарската амбасада во Скопје.
Богатата палета на настани ќе ја заокружи претставата „Гаја“ на експерименталната театарска група од Форли, која ја обработува темата на зачувувањето на животната средина. Претставата е организирана во соработка со Италијанскиот институт за култура од Белград и театарскиот фестивал МОТ и е закажана на 11 ноември во МКЦ. Амбасадата ќе го поддржи и планинскиот филмски фестивал „Ехо“, кој ќе се одржи во Скопје од 23 до 27 октомври.