За да се реализира ова истражување, неопходно беше да се разбере поширокиот социополитички контекст во регионот по 1990-тите години, период на големи културолошки и економски транзиции во Скопје, Приштина и во Тирана, период на големи надежи, но и разочарувања
Публикацијата „Мапирање на супкултурите“, која ја иницира Одделението за едукација на ликовната манифестација „Манифеста 14“, помогна да се расветли природата на супкултурните движења во Приштина, Скопје и во Тирана. Автори на истражувањето во Скопје се Артан Садику и Ѓорѓе Јовановиќ, а е спроведено во рамките на 14-то издание на „Манифеста“, во партнерство со „Термокис“ од Приштина.
– За да се реализира ова истражување, неопходно беше да се разбере поширокиот социополитички контекст во регионот по 1990-тите години, период на големи културолошки и економски транзиции во Скопје, Приштина и во Тирана, период на големи надежи, но и разочарувања. Супкултурните движења во овие три града беа анализирани првенствено преку истражување на независните простори и луѓето што ги придвижуваа алтернативните визии за културата и неформалното образование во 1990-тите, 2000-тите и 2010-тите години. Ова истражување нема за цел само да даде преглед на независната културна сцена во овие градови, туку да ги инспирира младите да се осврнат назад кон историите, практиките и процесите на современата култура и организациите во заедницата – велат авторите.
Во Приштина истражувањето беше фокусирано на почетокот на 2000-тите, повоениот период кога импровизирани културни центри организираа спорадични настани, изложби и фестивали, а сето ова, вклучувајќи го и одржувањето на „Манифеста 14“ во Приштина, го туркаа млади луѓе што ги поминаа турбулентните 1990-ти години. Тоа беше период на неинституционална културна продукција што почна веднаш по воените настани во Косово, во барови, кафулиња и други простори, која сѐ уште не е соодветно документирана.
– Во Тирана временската рамка беше поширока, делумно затоа што немаше претходни истражувања на супкултурните движења во градот. Тимот во Тирана се фокусираше на три супкултурни движења што се појавија меѓу 1990-тите и 2010-тите години и го следеше менувањето на фокусот – од рок-музиката и поезијата, кои беа во центарот на автономниот културен свет на крајот на 20 век, преку феминистички, активистички и артивистички иницијативи што ја дефинираат сцената во поново време. Сепак, и покрај нивниот фокус, сите анализирани движења често беа номадски и непредвидливи, со привремен престој во различни простори – стои во истражувањето.
Во Скопје истражувачкиот тим анализираше супкултурни движења во два периода: движења, групи и манифестации што се случуваа во социјалистичкиот период, кои обично се фокусираа на слободата на изразување и иницијативи што се појавија при обновата на капитализмот и повторната традиционализација на балканските општества во 2000-тите и 2010-тите години. Истражувањето се фокусираше на разбирање на предусловите што ги создадоа неинституционалните, немејнстрим културни движења, како и нивното влијание.