Маријам Чачија и Ник Војт, грузиски режисери
Грузискиот документарец „Волшебната планина“ на авторите и режисери Маријам Чачија и Ник Војт, кој беше дел од програмата на годинашниот фестивал на документарен филм „Македокс“, е сместен во санаториумот за туберкулоза „Абастумани“.
Целата идеја за филмот потекнува од личната приказна за Маријам. Заразена од туберкулоза, таа е сместена во санаториумот, изолирано место што ѝ создава кошмари, па решава да ја замрзне приказната за „Абастумани“, заедно со својот партнер, не знаејќи што всушност му се подготвува на овој грузиски објект полн со историја. Додека пациентите се лекуваат во дисхармонија и чуден хаос, еден грузиски олигарх решава да ја купи зградата и неговиот потег ја менува историјата за навек. Филмот е фасцинантен и собира позитивни критики и награди на повеќе филмски фестивали.
„Волшебната планина“ на авторскиот тандем Маријам Чачија и Ник Војт ја доби наградата „млад кромид“ во рамките на годинашното, 14. издание на фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“.
Што сакавте да пренесете преку вашиот документарец и колку од вашето лично искуство се рефлектира во филмот?
– „Абастумани“ првпат го посетивме во 2014 година, отидовме таму да се соочиме со кошмарот со кој Марика живееше седум години. Kошмарот беше вкоренет во нејзиниот страв дека луѓето ќе дознаат дека е поранешна пациентка со туберкулоза и тргнавме да снимиме филм за да ја предизвикаме стигмата околу туберкулозата. Во текот на целиот процес на снимањето со пациентите сакавме да ѝ пренесеме на публиката каков е животот на границата меѓу животот и смртта. Додека минувавме пет години во „Абастумани“, зградата полека ни се откриваше и откривме колку нејзината судбина е поврзана со судбината на самата земја. Зградата стана важен лик во филмот и од чудовиште во кошмарот на Маријам, стана моќна аналогија на историјата на Грузија. Никогаш немавме намера да снимаме филм со историски или политички теми, не ни знаевме дека зградата ќе се продаде и дека новиот сопственик ќе го промени текот на историјата пред нашите очи. Ако нешто сакавме да ѝ пренесеме на нашата публика, тоа е следново: меморијата ти припаѓа тебе, без неа ти си ништо, никој и немаш каде да одиш. Човек или цел народ без меморија нема идентитет. Ако меморијата е уништена и заменета, на луѓето, особено политичарите не може да им се верува. Зградата пренесува спомени што се поверодостојни од зборовите на народот. Како луѓе, треба да се држиме до сопствените сеќавања, кои ни помагаат да разбереме кои сме и не треба да дозволиме некој да ни ги одземе. Јасно е дека овој филм е личен филм и е раскажан од Маријам, која е и корежисерка. Сите настани во филмот беа лични за нас, а особено за Маријам.
Како би го опишале процесот на снимање во санаториум?
– Не беше лесен процесот на снимање во таква средина. Не беа сите пациенти подготвени да разговараат со нас и моравме да поминуваме многу време со нив за да изградиме доверба. Искуството на Маријам со туберкулозата помогна да се изгради доверба. Огромно мнозинство од пациентите биле поранешни осуденици и беа тврди како клинци. Моравме внимателно да ги третираме пациентите и точно да знаеме кога да застанеме за да не ги испровоцираме, а и самите да не се заразиме со туберкулоза. Требаше да се справиме и со фактот дека многу наши ликови повеќе нема да бидат живи кога ќе се вратиме на филмот. Тоа значеше дека треба да добиеме сѐ што ни треба. Имаше моменти кога се враќавме и моравме повторно да ги запознаеме сите пациенти. Лекарите и медицинските сестри беа многу корисни во текот на процесот на снимање. Тие разбраа што правиме и беа повеќе од среќни да ни помогнат да ја откриеме историјата на зградата. Персоналот беше речиси целиот на возраст пред пензија и претежно имаше жени. Немаше обезбедување во зградата што беше полна со поранешни затвореници, кои ја контролираа болницата според сопствените затворски правила. Откако сите пациенти беа евакуирани, персоналот ни ги откри своите длабоки чувства за зградата, тоа беше болен процес за нив и за нас како филмаџии.
Каков опис би му дале на нашиот филм?
– Некои велат дека нема докази за духови и дека магијата е само уметност на измама, во тој случај ништо во овој филм не е вистина и сето тоа е само сон за место што никогаш не може да се најде.
Крајот на филмот добива неочекуван правец. Едновековни спомени се претвораат во прашина. Знаевте ли дека ваков расплет носи приказната и дали споменот од сто години ќе исчезне со оваа зграда?
– Генерално, се трудиме да не го дадеме крајот на филмот пред луѓето да го погледнат. Сепак, немавме поим дека филмот ќе заврши како што завршува. Снимавме филм за човечката борба со смртта и неподготвеноста на општеството да ја види, кога еден ден нашиот филмски сет го нападна олигарх со булдожер. Оваа акција го смени правецот на филмот и му го даде наративот што го има сега, нашата работа беше запрена од судбината. Порано се шегувавме дека поради овие постапки овој филм стана дел од грузиското наследство, ако го гледате филмот, тогаш овие спомени од последните сто години грузиска историја нема да бидат изгубени.
„Иднината е сигурна во Грузија, но минатото е непредвидливо“. Што сакате да пренесете со оваа реченица?
– Ако минатото може да се уништи и промени, тогаш иднината е контролирана и предвидлива. Историјата не треба да има цена, треба да се чува од народот за народот, не треба да е дозволено еден поединец да може да купи парчиња наследство и да го уништи или обнови според својата идеја. Ако минатото е непредвидливо и постојано се менува за да се одговори на оваа или онаа агенда или желба, тогаш во кој правец нѐ води иднината? За да разбереме кои сме и каде треба да одиме, мора да разбереме од каде дојдовме. Ова не е само за Грузија, туку за секоја земја, нација и народ.