Рецензија
Се случи и долгоочекуваното трето издание на фестивалот на класична музика „Класичен меѓународен фестивал Струмица“ во нашиот ѕвезден град, кој се одржа на 1 јуни годинава во НУЦК „Антон Панов“, со почеток во 20 часот. На почетокот на настанот се обрати селекторот на фестивалската програма, Васил Атанасов, а фестивалот со поздравна реч за отворен го прогласи Елена Маѓерова Паликарова, заменик-градоначалничка на Струмица. На сцената блеснаа со сиот свој сјај „Трио ОС“ од Хрватска, во состав Кирил Наумов – виолина, Жељко Штрбац – виолончело и Мирослав Мајиќ – пијано.
Од самиот почеток уметниците од „Трио ОС“ навестија убава концертна вечер, започнувајќи ја програмата со преубавата музика на Вивалди како вовед на концертот. Потоа следуваше генијалниот Ј.С. Бах со неговата Суита бр. 2BWV.1067, каде што убавите мелодии на Бах и разиграниот менует беа донесени во еден здив. Потоа следуваа делата на Моцарт: „Ала турка“, Чајковски: „Баркарола“, Дворжак: „Хумореска“, Сен Санс: „Лебед од Карневалот на животните“, Шостаковиќ: Валцер, со прекрасниот звук на виолончелото, и Албениц: „Шпанска суита“, всушност тоа беа познати и убави нумери од овие големи мајстори што им ја разнежнија душата на присутните. Звуците на овие дела ја пленија многубројната публика и предизвикуваа овации и воодушевување. Музичките дела беа одлично изведени и како популарни композиции очигледно дополнително ги задоволија вкусовите на публиката. Триото звучеше компактно и воиграно со водечки глас на виолината, но и рамноправниот статус на виолончелото и клавирот и звучеа синхронизирано како целина.
Посебна убавина за оформување на звукот на клавирско трио дополнително даде концертниот клавир „Хенри Ф. Милер“, кој беше донесен оваа година специјално за фестивалот благодарение на посебното залагање на Атанасов. Струмичани имаа чест и задоволство за првпат да го слушнат звукот на концертниот клавир што пленеше со својaтa мекa и раскошна тонска емисија, кој освен за фестивалската програма ќе биде оставен на користење на нашите домашни музичари и на странските уметници.
Потоа следуваше извонредната композиција на А. Пијацола, „Четири годишни времиња“, инспирирана од големиот Вивалди, но со еден друг призвук на 20 век и негово доживување на годишните времиња во Буенос Аирес, испреплетен со разновидни мелодии, звуци, бои, хармонии и ритмички манири од аргентинското поднебје, на што публиката реагираше со бурни аплаузи. За крај на програмата беа изведени две атрактивни композиции од Гарде, „Por una cabeza“, и од Пијацола, „Liber tango“, за што публиката ги награди со долготрајни аплаузи. „Трио ОС“ возврати на бис со една интересна композиција, „Охридски бисери“, сплет на мелодии и теми од македонскиот фолклор од композиторот Џулио Нело Белоти, што кај публиката предизвика особена радост и френетични долготрајни аплаузи. Ова беше една прекрасна музичка вечер достојна за отворање на третото издание на „Класичниот меѓународен фестивал Струмица 2024“.
Милка Ганчева, проф. педагог по пијано