Долгометражниот игран филм „Хомо“ во режија на Игор Иванов ја доби својата седма награда, и тоа за најдобар игран филм во официјалната програма на интернационалниот фестивал „Кросинг д скрин“ во Англија, кој се одржа во периодот од 28 јануари до 3 февруари во Истбрн, Источен Сасекс.
„Хомо“ ја имаше светската премиера на 51. ГОА ИФФ Индија, а досега е прикажан на дваесет филмски фестивали во Канада, САД, Велика Британија, Индија, Романија, Србија, Бугарија, Италија, Египет, Франција, Шпанија, Австралија.
„Хомо“ е приказ на апсурдот на судбината, претставен низ уникатните животни приказни на шест главни ликови. Во ова филмско дело, режисерот го соочува обичниот човек со загрижувачките состојби на нехуманост, алчност и суровост – состојби што тивко, но полека го уништуваат општеството. Сценариото за филмот го напишаа Игор Иванов-Изи и Сашо Кокаланов. Продуцент на филмот е Томи Салковски, а копродуценти се Мирослав Могоровиќ (Србија), Галина Тонева (Бугарија), Лумбард Кукај (Косово) и Бојан Мастиловиќ (Словенија). Во филмот играат Александар Матовски-Цако, Наташа Петровиќ, Игор Ангелов, Јордан Симонов, Мајлинда Косумовиќ од Косово, Сашко Коцев, Оливер Митковски и др.