Утре, со почеток во 20 часот, оркестарот на Македонската филхармонија ќе го изведе концертот насловен „Кадифе“, посветен на опусот на американскиот композитор Арон Копланд. На програмата се неговата Трета симфонија и Концертот за кларинет и оркестар, а како солистка ќе настапи една од најдобри кларинетистки на светската музичка сцена во моментов – Шерон Кам. Диригент е маестро Конрад ван Алфен од Холандија.
Шерон Кам е една од водечките кларинетистки на светската музичка сцена, која во последниве 20 години настапува како солистка со најпознатите оркестри во САД, Европа и Јапонија. Ремек -делата на Моцарт се главен фокус во нејзиниот репертоар од почетокот на нејзината кариера. На 16 години го извела Моцартовиот концерт за кларинет и оркестар, со кој дебитирала како солистка со Израелската филхармонија, водена од славниот диригент Зубин Мехта. Кратко потоа го изведува Квинтетот за кларинети од Моцарт заедно со гудачкиот квартет „Гуарнери“ во „Карнеги хол“ во Њујорк. Како дел од прославата на 250-годишнината од раѓањето на Моцарт, во Националниот театар во Прага, таа го свири Моцартовиот концерт за кларинет и оркестар, а изведбата се пренесува во живо во 33 земји и е издадена на дивиди. Истата година таа го реализира својот долгогодишен сон, го снима истиот концерт на заеднички албум со повеќе музичари. Како пасионирана камерна музичарка, Шерон Кам редовно настапува со уметници како Ларс Вогт, Кристијан Тецлаф, Даниел Милер-Шот, Каролин Видман и квартетот „Ерусалим“. Освен класичната музика и нејзиниот омилен композитор Моцарт, Кам премиерно извела и неколку дела на современи композитори, како Кшиштоф Пендерецки, Херберт Вили, Иван Ерод и Петер Рузичка. Нејзиниот репертоар опфаќа повеќе различни епохи – од класика до модерна музика и џез. Двапати ја добила наградата „Музичар на годината“ – за изведбата на Вебер со оркестарот на Лајпциг воден од маестро Курт Мазур и за нејзиниот албум што го сними со Радиооркестарот на Лајпциг, со дела од Шпор, Вебер, Росини и Менделсон.
Конрад ван Алфен е инспиративен диригент, кој прави нештата да се случуваат, напиша критиката за холандскиот маестро. Етаблираниот холандски/ јужноафрикански диригент Конрад ван Алфен се стекнал со својата популарност и кај оркестрите и кај публиката благодарение на посебниот начин на кој ги води пробите и изведбите. Маестро Ван Алфен е уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Во изминатите 16 години го издигнал својот оркестар на ниво да биде интернационално признаен оркестар и да стане домаќин на концертни серии во Ротердам, Хаг и Амстердам. Неодамна успешно дебитирал со Филхармонискиот оркестар од Брисел, со „Симфоникер“ во Бохум и со Симфонискиот оркестар „Светланов“ во Москва. Голем број солисти уживале во неговата придружба, како што се: Даниел Хоуп, Жанин Јансен, Бенџамин Шмид, Куирин Виерсен, Роланд Браутигам, Албан Герхард, Симон Ламсма и Никита Борисо-Глебски. В.Д.