Дина Дума, режисерка
Дина Дума е режисерка на филмот „Сестри“ што ја разбранува филмската сцена како македонски кандидат за „оскар“, прв филм што е дел од програмата на „Нетфликс“, добитник на специјалната награда од жирито на фестивалот „Карлови Вари“… Филмот ја имаше својата премиера на минатогодишниот фестивал „Браќа Манаки“. Дина Дума има дипломирано филмска и ТВ-режија на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Авторка е на краткометражните филмови „Без љубов“, „Доаѓаат од центарот на светот“, „Елена“, а „Сестри“ ѝ е дебитантски игран филм.
„Сестри“ е прв филм што се најде на платформата „Нетфликс“. Што значи тоа?
– Веста дека „Сестри“ ќе биде на „Нетфликс“ беше уште едно убаво изненадување за целата екипа што работеше на филмот. Во ова време на пандемија, „Нетфликс“ за мене значи дека филмот ќе биде гледан, затоа што не оди секој во кино. Се надевам дека почесто ќе гледаме македонски содржини на оваа платформа и во иднина.
Филмските критичари го окарактеризираа „Сестри“ како исклучително впечатлив филм, трогателен. Како го опишувате вие вашиот првенец?
– За мене лично како автор, филмот „Сестри“ е филмско зреење. Тешко ми е да сум објективна, мислам дека ќе треба да поминат години за да можам да ви одговорам на ова прашање без да бидам пристрасна или претерано самокритична.
Филмот праќа повеќеслојни пораки, какви позитивни промени сакате да предизвика?
– Можам да кажам дека на мое огромно изненадување филмот отвори дискусија на темите „сајбер-насилство“ и стигматизирање на жените поради однесување што се оценува како промискуитетно („слат шејминг“) во нашето општество, и мислам дека ќе продолжи да се дискутира, затоа што само преку отворена дискусија можеме да ги согледаме проблемите и да дојдеме до промени. Сметам дека премногу долго не се говори за овие проблеми и овие проблеми се ставени под тепих.
Од какво значење е за вас, како режисерка, изборот за национален претстaвник за „оскар“?
– Благодарна сум што Друштвото на филмските работници и комисијата го препознаа потенцијалот и донесоа одлука дека токму дебитантскиот филм „Сестри“ беше национален претставник за „оскарите“.
За време на пишувањето на сценариото со Мартин Иванов, по селекцијата на одличната актерска екипа, откако го монтиравте филмот, се навестуваше ли ваков успех?
– Никој од нас не можеше да предвиди дека филмот ќе биде успешен и сметам дека тоа е така со секој филм. Никогаш не може да знаеш што ќе се случи со филмот, без разлика колку и да е квалитетен, има премногу фактори што го одредуваат патот на филмот. Имавме среќа да бидеме одбрани на фестивалот „Карлови Вари“, фестивал од А-категорија и филмот да биде награден, а понатаму да го продолжи својот живот на „Нетфликс“ и, се разбира, на други филмски фестивали.
Што ве однесе до славата?
– Славата никогаш не е целта на еден филмски автор, таа може да биде последица на успехот на филмот, но целта и борбата секогаш е да се направи најдобриот филм во дадените услови.
Македонскиот филм доживува ренесанса последниве години, имавме низа фестивалски прикажувања, номинации, награди, на што се должи тоа?
– Сметам дека овој подем се должи на давањето простор на нови млади автори што донесоа „свежина“ во македонската кинематографија, дополнително на тоа новите македонски филмови што се успешни обработуваат современи теми и се рамо до рамо со светската кинематографија.
Еден цитат вели дека снимањето филм е шанса да се живеат повеќе животи одеднаш. Што значи за вас снимањето филм?
– Градење еден нов свет што ќе остане засекогаш. Овековечување моменти, портрети и емоции.