Реч на Томислав Османли – европска личност за 2022 година

На свеченоста за чествувањето на Денот на Европа, во присуство на највисоки државни, дипломатски и партиски гости, писателот Томислав Османли беше прогласен за европска личност на 2022 година во нашава земја. На собирот главен говорник беше претседателот на државата Стево Пендаровски, а дебата на темата модерирана од амбасадорот Андреј Лепавцов водеа амбасадорот Дејвид Гир, шеф на претставништвото на Европската Унија во Македонија, и амбасадорката Ами Ларсон Џајн од Кралството Шведска.

Од името на организаторите на големиот свечен и дебатен собир, претседателката на Европското движење на Македонија, Милева Ѓуровска, на нашиот автор Томислав Османли му ја врачи плакетата „Европска личност на годината 2022“.
– Откако паметам за себеси, инклузивноста ја сметам за највисоката етичка и социјална вредност. Пред сѐ европската инклузивност. Европа беше мојата перманентна – политичка, авторска и човечка преференција, имајќи предвид дека таа беше континент на прогресивни и на млади идеи, кои беа толку атрактивни (инклузивни!) во нејзините формативни години, како впрочем и во виталните европски години од минатиот век. Беше тоа време на отвореност, во кое ние од Југославија, значи и од Македонија, слободно патувавме низ европските земји и во сите нив носевме дел од нашите вредности, а потоа – на истиот начин – во нашите простори, дух и култура носевме вредности, идеи и творби од европските земји… – рече Османли.
Истакнувајќи дека Европа што тој ја имагинира е „развиена според големите изворни визии на нејзините креатори, за Европа на правичност и еднаквост, за Европа на соработка; за миротворна Европа!; за Европа на силните економии, но постулирана примарно врз моќта на знаењето, на политичките идеали, на писменоста и на естетската убавина раскошно развиени и распослани низ нејзиното тло, врз разнообразните хуманистички наследства, вредности, учења и идеи – од атинската демократија на Солон, Перикле и политичката мисла на Аристотел, римската јуриспруденција, идеите на Русо и Волтер и воопшто на плејадите нејзини еманципаторни и филантропски мислители; за Европа на духот и на непоразените етички идеи!“

Според добитникот на плакетата, Европа на новото време за него е „ревитализирана конфедерација на слободни и еднакви држави и култури, политичка и интеркултурална заедница на општите, на заедничките и на посебните интереси и вредности на државите и нациите, меѓу кои – како и најголемиот дел од моите надежни сограѓани – и самиот за темелни ги сметам нејзината отвореност и нејзината рамноправна инклузивност“.