Два превода на книги на Прокопиев
Романот „Ѕиркачот“ на Александар Прокопиев, објавен на македонски во 2007 година, го продолжува своето преводно патување низ балканските јазици. Само неколку месеци по словенечкото, деновиве во познатото тиранско книгоиздателство „Фан Ноли“ излезе од печат албанското издание, „Përgjunesi“, во превод на Џемиле Жикај. Инаку, претходно истиот издавач, „Фан Ноли“, ја објави на албански и збирката бајки за возрасни „Човечулец“ на нашиот автор.
– „Ѕиркачот“ за мене е посебно блиска книга, ме радува што таа на свој ненаметлив, но сигурен начин, по својата објава на македонски пред петнаесетина години, ги интригира странските читатели и критика – изјави писателот Александар Прокопиев.
Така, преводот на „Ѕиркачот“ на италијански има две изданија во две различни едиции.
Неодамна, пак, познатото софиско книгоиздателство „Букс фор ол“ ја издаде книгата раскази „Делфинот (приказни за видливото и невидливото)“ на Прокопиев. Преводот на бугарски е на Деница Проданова, инвентивното решение на корицата на Стефан Пламенов. Во препораката до бугарскиот читател на „Делфинот“ се наведува: „Мајсторот на прозата, Александар Прокопиев умее да раскажува приказни што вовлекуваат во интригата, возбудуваат со своите емоции и на крајот, но не и помалку важно – долго остануваат во вашите мисли“.
Претходната книга на Прокопиев преведена на бугарски, „Човечулец“, беше под покровителство на истото книгоиздателство што го води издавачот, книжевен истражувач и критичар Пламен Тотев. „Човечулец“ имаше впечатливи претставувања за време на меѓународната ноќ на литературата во Софија, како и во Македонскиот културен центар.