Видеоанимацијата „Следната генерација“ (2023) се осврнува на проблемите и апсурдите на денешницата со кои секојдневно се соочуваат децата и младите – анксиозност, психоза, апатија, еколошки катастрофи и кризи, војни, а филмот „Заглавени заедно“ (2020 г.) е една поинаква приказна што става акцент на миграциите, движењето, патувањето, значењето на семејството и домот, прикажани низ социјална призма
Културниот центар „Уметничка работилница Лазарети“ ќе ѝ биде домаќин на македонската уметница Тања Балаќ во Дубровник. Утре (петок), на 22 март, во овој културен простор ќе бидат прикажани двата кратки филма – „Следна генерација“ и „Заглавени заедно“. Проекциите ќе започнат во 18.30 часот и ќе траат до 20.30 часот.
„Уметничката работилница Лазарети“ од Дубровник како независна уметничка иницијатива ги започна своите активности во 1989 година, организирајќи изложби, перформанси, предавања и други уметнички настани во Лазарети и јавните простори на Дубровник. Во текот на повеќе од 30 години активност, позицијата на центарот се промени од неформална уметничка иницијатива во организација со целогодишна програма и секојдневни активности. Со јасна дефиниција на програмата и решеност критички да се занимава со современата уметност и нејзината интеракција со политичките, социјалните, економските глобални и локални прашања и проблеми, „Уметничката работилница Лазарети“ истраја низ сите промени низ кои помина Дубровник од крајот на 1980-тите до денес. Од крајот на 1980-тите, тие организираат и продуцираат голем број уметнички, културни и општествени настани, активно учествуваат во јавниот живот и придонесуваат за развојот и кокреирањето на современата уметничка сцена, независната култура и граѓанското општество.
Видеоанимацијата „Следната генерација“ (2023) на Балаќ, која ќе биде прикажана во овој простор, се осврнува на проблемите и апсурдите на денешницата со кои секојдневно се соочуваат децата и младите – анксиозност, психоза, апатија, еколошки катастрофи и кризи, војни, економски кризи и колапс на системот на вредности и знаење. За филмот, самата авторка вели дека е видеоанимација чија главна порака е критика на реалноста и хаосот во кој живееме.
– Преку крикот на дете со затворени очи се отвораат темите за детството, невиноста, неизвесноста и стравот од иднината, но истовремено авторката предупредува и на сите скршени вредности што им се оставени во наследство – велат во најавата од „Уметничката работилница Лазарети“.
Тања Балаќ за овој филм освои гран при на годинашниот „Зимски салон“ на ДЛУМ на темата „Интимност и меѓусебна поврзаност“, чија селекторка беше Оксана Карповец, кураторка од Украина.
– Видеото „Следната генерација“ пунктуира со корпоралноста на содржината, а нејзината материјална природа е токму во антрополошкото одредиште на она што значи елемент на социјалното ткиво, самата едукација како систем на вредности и систем на разлики. Согледувајќи ја (не)прагматичноста на самоодредливото, на индивидуализмот како неминовен елемент на посакуваните и очекуваните политики на еманципација, авторката смело го наметнува прашањето: кој ги гради вредностите, а кој разликите – вели ликовната критичарка и теоретичарка Натали Рајчиновска Павлеска во текстот од каталогот.
Филмот „Заглавени заедно“ (2020 г.), пак, е една поинаква приказна што отвора многу општествени прашања, ставајќи акцент на миграциите, движењето, патувањето, значењето на семејството и домот прикажани низ социјална призма. Овој видеозапис пренесува сериозна порака на меѓународно ниво, опипувајќи ја свеста за човечките судбини од различни држави, кои барајќи подобар живот и сопствено засолниште, остануваат заглавени во времето и просторот.
– Основната идеја е да се обидеме да го разоткриеме тој дискурс на актуелните миграциски случувања, да ги согледаме во еден поширок контекст, реализиран преку конкретна уметничка пракса – вели авторката.
Директор на фотографијата на филмот „Заглавени заедно“ е Кирил Шентевски, светлото е на Мартин Димитријев, асистент на камера е Сергеј Сарчевски, звучните ефекти ги направи Игор Крстевски, а музиката е на Тони Димитров и Јан М. Иверсен.
Тања Балаќ (Скопје, р. 1968) во 1991 г. дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на Одделот сликарство. Градејќи го својот уметнички и професионален пат, во 2008 г. магистрира на истиот факултет. Членка е на Друштвото на ликовните уметници од 1991 година, а во периодот од 2006 до 2013 година е и негова претседателка. Од многубројните професионални посети надвор од границите на својата земја, значајно е да се издвои студиската посета во Париз во 2003 година. Своето професионално и уметничко искуство го збогатува и надградува со учество на многубројни меѓународни фестивали и изложби (Србија, Словенија, Шведска, Бугарија, Германија, Романија, Англија, Австрија, Франција…), на кои повеќепати има добиено меѓународни признанија и награди. Покрај сликарството, последната деценија активно истражува и на полето на новите медиуми. Активно се занимава со сликарство, како и со инсталации и експериментални и документарни филмови (видеоарт). Живее и работи во Скопје.
В.Д.