Деновиве од печат излезе новото книжевно дело на писателот Зоран Пејковски, насловено „Фитилот догорува“, што го издаде „ПНВ-Публикации“ од Скопје.
Всушност, „Фитилот догорува“ е драма во стих во шест сцени со пролог и епилог, која е посветена на 130-годишнината од формирањето на ВМРО, 120-годишнината од Смилевскиот конгрес и 120-годишнината од Илинденското востание.
Во овој текст, Зоран Пејковски преку специфичен драмски заплет, создава книжевно дело, во кое преку различни сцени ги отсликува различните периоди, но и моменти од македонската историја.
Во една од сцените се говори за суштественоста и организираноста на организацијата ВМРО, како трајна обединувачка мисија на целиот македонски народ, систематизирана и во предизвиците на организацијата како трајна заштита од надворешни и внатрешни непријатели, преку формирање на тајната полиција, која превзема одлуки во расчистување на предавствата внатре во организацијата, но и надвор во пропагандистичките структури кои беа на овие простори… Па така, меѓу останатите можат да се сретнат и ликовите на: Спиро Келиманов (човек на Гоце Делчев), Нечо од Битола, Андон Ќосето (пајтонџија на д-р Христо Татарчев), Аргир Манасиев, Иван Телјатинов и други, кои бездруго се водеа од единственоста, а тоа е Македонија да биде една и единствена, заштитувајќи ја дури и од оние постојани пропагандистички структури, и од бугарска, и од грчка, и од српска страна, кои се обидуваа да го разнебитат Македонецот.
Забележана е и средбата на Гоце Делчев и Даме Груев пред Смилевскиот конгрес, но и состојбите на Горскиот штаб на Крушевската востаничка околија, за да се случи Македонската Илинденска епопеја, па сѐ до сцената – епилогот со преживеаните Илинденци, како што и би рекол и Вторниот преживеан Илинденец …„Боже, колку силна возбуда блесна во пределот зад секавицата, на громот што стрештено стигна, како пресметана казна за добрите намери, за големиот залог на смртта“…. Или пак, што би рекол Петтиот преживеан Илинденец:… „Кодошите и предавниците, Јуди човекови, што предадоа сѐ што е свето, така откупени мислат дека фитилот не е ни запален, а тој само што не бувнал да распламти сѐ“….
Рецензенти на ова посебно драмско дело се: Митрополит Преспанско-пелагониски и администратор Австралиски и Новозеландски, господин Петар и македонскиот писател Владимир Илиевски.
Епилогот на драмата ни ги претставува преживеаните илинденци кои претставуваат Манифест за преживеаните. Преку драмата во стих „Фитилот догорува“, авторот успеал на свој начин да протолкува и да престави дел од историските настани во Македонија низ галерија на историски ликови: Даме Груев, Петар Поп Арсов, Андон Димитров, Христо Батанџиев, д-р Христо Татарчев, Иван Хаџи Николов…“.