„Македоника литера“ деновиве го објави романот „Дона Алба“ од еден до најголемите романски писатели на 20 век – Џиб Михаеску, во превод од романски јазик на Ирина Кроткова. Книжевната критика има укажано на очигледни сличности меѓу „Дона Алба“ и „Црвено и црно“ на Стендал, „Бел ами“ на Мопасан и целото творештво на Достоевски. Главните ликови во ова дело што не избледува се фатална жена и вљубен млад човек, подготвен на сè заради неа. Но тоа е модерен урбан роман, извонреден по својата мистична атмосфера на Букурешт во тоа време.
Во споредба со Достоевски и со Мопасан, романскиот писател Џиб Михаеску успеал да ги прекрши влијанијата на руските и на француските класици низ призмата на животот во Букурешт меѓу двете светски војни во дваесеттиот век. Тој вешто го води читателот низ улиците на магнетниот свет на декадентната и мистериозна романска престолнина за да ги открие неговите тајни и да раскаже модерна приказна за принцовите и просјаците. Ова е модерна урбана сторија за жените, парите и кариерите, сместена меѓу двете светски војни. Се смета за голем љубовен роман во романската литература меѓу двете светски војни, но тој е повеќе од љубовен роман.
Џиб Михаеску (р. 1894, Драгашани, Романија) е еден од најзначајните романски писатели во првата половина на 20 век. „Дона Алба“ е неговиот последен и најзначаен роман и првпат е објавен во истата година кога умрел авторот (1935, на 41-годишна возраст). Учествувал во Првата светска војна, бил адвокат во Кишињев и во родниот град. Џиб Михаеску напишал пет романи. „Дона Алба“ е првото дело на Џиб Михаеску преведено на македонски јазик.