Меѓународен ден за издигање на свеста за лицата со аутизам

Во Националната галерија, објектот „Чифте-амам“, на 31 март, традиционално ќе се одбележи Меѓународниот ден на лицата со аутистичен спектар на нарушување. Ќе биде поставена изложба на графики во техниката монотипија, изработени на работилниците одржани во текот на март. Изложбата ќе биде отворена во 11 часот и ќе може да се посети до 5 април.
– Ликовната уметност е важна за развојот на децата, ги развива имагинација и способноста за креативно размислување. Тие од најрана возраст учат да комуницираат преку бои и цртежи, на невербален начин се изразуваат подобро од вербалноста на нивна возраст. Особено е потребна во интелектуалниот развој кај лицата со попреченост. Затоа важноста за постоење и анимирање на ваквите проекти има голема оправданост и општествена одговорност – вели Маја Димитрова, едукаторка.
Оваа година децата имаа можност да ја научат и да ја применат графичката техника монотипија. Темата на овие работилници беше морскиот свет. Со графички бои, децата цртаа риби, морски ѕвезди, октоподи, желки, школки и полека навлегуваа во графичката техника. Со притисок, рачно или низ преса, бојата ја пренесоа на хартијата. За разлика од другите графички техники, каде што може да се направат повеќе исти отпечатоци, кај монотипијата секој отпечаток е единствен. Резултатот со ваквиот начин на сликање е уникатна графика.
– Навлегувајќи длабоко во морските длабочини, тие навлегоа длабоко во себе! Длабоко во својот свет, свет многу поискрен и поубав од оној во реалноста – порачаа од НГМ.
На работилниците учествуваа ученици од повеќе училишта: ОУ „Невена Георгиева-Дуња“, ОУ „Св. Климент Охридски“, ОУ „Исмаил Ќемали“, ОУ „Имри Елези“, ДСУ за рехабилитација и образование „Свети Наум Охридски“, здружението „Инклудиверса“, како и студенти од Педагошкиот факултет „Свети Климент Охридски“ под менторство на Бурхан Ахмети.
– Изразуваме огромна благодарност до студентите и до професорот за нивната посветеност, за трпението и поддршката. Со нивна помош децата многу брзо ги совладаа основите на графиката и добија можност креативно да се изразат и да создадат уникатни дела – велат организаторите. В.Д.