Гордана Балеска, авторка на откупен расказ на конкурсот на „Нова Македонија“
За Гордана Балеска (29), дипломиран филолог, со постојана желба за надградба и љубопитство што ја поттикнуваат да излезе од конфорната зона и да се докажува и во други области, пишувањето станало дел од животот уште во основно училиште, кога ги добива и првите награди за своите творби. Авторка е на две книги, збирките поезија „Трепери срцето мое“ и „За блудниот син за блудната ќерка“, а годинава планира да објави и збирка раскажи, во која ќе се најде „Еден убав сончев ден“, со кој ја освои откупната награда на конкурсот за краток расказ на „Нова Македонија“.
Што ве поттикна да учествувате на конкурсот на „Нова Македонија“?
– Анонимноста, односно можноста да се доживее расказот како посебен ентитет, секако без влијанието од авторот. Се пријавив на конкурсот онака како што се пријавував и претходните години, без очекувања. Со оглед на големите имиња што се пријавуваат не мислев дека ќе бидам една од наградените. Но мило ми е што расказот успеа да се издвои.
Дали кога го пишувавте, или можеби на крајот кога го завршивте расказот, почувствувавте дека е нешто посебно?
– Кога завршив со пишување, се почувствував смирено. Со тој расказ е кажана една вистина. Што се однесува до вредноста, тоа останува на литературната критика затоа што сепак јас би била пристрасна.
Што ве инспирираше поконкретно и дали брзо ги ставивте мислите на хартија?
– Инспирацијата дојде од малите секојдневни настани на кои обично и не им даваме толку многу големо значење, но сите тие се дел од една поголема приказна. Расказот „Еден убав сончев ден“ едноставно се роди. Излезе од мене таков каков што е. По извесно време му се навратив, само за да сфатам дека ништо не би сменила, освен неколку реченици на самиот крај.
И претходно сте пишувале поезија и раскази и авторка сте на две стихозбирки, а и некои ваши раскази исто така се објавени. Дали можеби тоа значи дека е на повидок нова книга?
– Да, минатата година во ноември, во Охрид, се одржа промоцијата на мојата втора збирка поезија „За блудниот син за блудната ќерка“, така што можам да кажам дека на литературен план многу убави нешта се случија во изминатиов период. А следната книга се надевам дека ќе биде збирка раскази.
Иако сте дипломиран филолог, со повеќе ангажмани, уште за време на студиите, а и по дипломирањето, сепак одлучивте вашите постдипломски студии да бидат од областа на менаџментот. Зошто?
– Во текот на студиите учествував во повеќе проекти, како што беше „Туторска поддршка на учениците Роми во основното образование во Шуто Оризари во ОУ ’Браќа Рамиз и Хамид‘“. Исто така учествував во работата на проектите од истражувачкиот центар за ареална лингвистика „Божидар Видоески“ при МАНУ, како и во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ за внесување материјал од картотеката на Толковниот речник. Секогаш гравитирав кон општествените науки. Јазикот е мојата прва љубов, да, но човекот, неговото однесување во општеството, во една организациска единица, ставот кон промените, сето тоа е мое поле на интерес.
Што е она што вас како автор најмнoгу вe поттикнува да пишувате?
– Одамна почнав да пишувам и сега едноставно не би можела да го замислам светов без пишаниот збор. За мене пишувањето е на исто рамниште како и дишењето. Не можам да наведам конкретна причина зошто и како почнав со пишување, ама знам дека не можам да престанам.
Во 2021 година одбележивме 100 години од раѓањето на великанот Блаже Конески, а вие дипломиравте на Филолошкиот факултет, група македонски јазик, што го носи неговото име. Дали за вас тоа е значајно и горди ли сте поради тоа?
– Блаже Конески имаше силно влијание врз мене. Всушност, една од првите награди што ги добив уште како дете во основното училиште „Григор Прличев“, на денот на нашиот патрон, беше токму Граматиката на Конески. Човек не може, а да не биде горд!