Битола деновиве е центар на светската филмска мапа

Најџел Волтерс, долгогодишен претседател на ИМАГО, доби посебна награда, почесна „златна камера 300“, која досега не била доделена на фестивалот, а „златната камера 300“ за животно дело му беше врачена на големиот мајстор на филмската фотографија, Ентони Дод Ментл

Битола овие денови ќе биде еден од главните центри на светската филмска мапа. По сите овие 43 фестивалски изданија реалноста не ни е доволна, па секоја година фестивалот расте и се развива и сега веќе можеме да кажеме дека прерасна во еден од главните културни идентитети на Македонија, со овие зборови Симеон Мони Дамевски, директорот на ИФФК „Браќа Манаки“, го отвори фестивалот на филмската камера во Битола.
– Фестивалот „Браќа Манаки“, всушност, е еден голем мост што ја поврзува македонската со светската кинематографија. Ние во фестивалот „Браќа Манаки“ ги направивме сите возможни и невозможни работи за 43. фестивалско издание да биде гордост на публиката, а Битола во овие фестивалски денови да пулсира во знакот на филмската уметност – рече Дамевски.
Тој му додели на Најџел Волтерс, долгогодишен претседател на ИМАГО, посебна награда, почесна „златна камера 300“, која досега не била доделена.
– Уште кога станав претседател на ИМАГО ми рекоа, мора да внимаваш на фестивалот „Браќа Манаки“, затоа што тоа е фестивалот каде што се слави филмската камера. И оттогаш сите даваме сѐ за да се продолжи оваа традиција и соодветно да се прослават кинематограферите и во таа насока се одржува и Балканската конференција на ИМАГО – рече Волтерс, заблагодарувајќи им се на фестивалот и на Друштвото на филмските работници на Македонија.
Фестивалот „Браќа Манаки“ сите изминати четири децении ги вреднува создавачите на нови светови, луѓето што ни помагаат на сите нас преку окото на филмската камера да го гледаме филмскиот универзум. Претседателот на Македонија, Стево Пендаровски, му ја додели „златната камера 300“ за животно дело на големиот мајстор на филмската фотографија, Ентони Дод Ментл.
– Најдлабоко им се заблагодарувам на организаторите за ова признание. Јас нема да запрам овде, нема да се откажам, иако оваа награда ја добивам во предвечерието на кариерата, но далеку ми е крајот. На сите млади луѓе што посакуваат еден ден да стојат овде на ова место, без разлика дали се занимаваат со фотографија или со кинематографија, би им рекол дека најважниот објектив е оној во главата, а најважното нешто што треба да го кажат треба да дојде од срцето, сето друго е академско. Она што вие автентично го имате е во овие две точки – рече Ентони Дод Ментл.
Наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ ја додели претседателот на ДФРМ, Игор Иванов-Изи.
– Постојат навистина многу причини зошто токму Горјан Тозија треба да ја добие наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“. Можеби најмалата од тие причини е тоа што тој е човекот што ја измисли оваа награда. А во потрага по еден вистински систем на вредности во време кога некои вредности можеби беа заборавени, тој се одлучи да ја воспостави оваа награда и прв нејзин лауреат да биде Кирил Ценевски, токму во време кога беше малку заборавен. А потоа следуваа многу значајни и големи имиња што блескаат на големото или зад големото македонско филмско платно – рече Иванов.


Дариа Д’Антонио: Никогаш не сум се запрашала дали сме малку
жени зад камерата

Дариа Д’Антонио, една од водечките италијански и европски кинематограферки, е специјална гостинка на 43. ИФФК „Браќа Манаки“, со гала-проекцијата на ремек-делото „Божјата рака“ на култниот режисер Паоло Сорентино, кој беше прикажан на фестивалската програма.
Таа одржа и мастерклас во малата сала на Центарот за култура во Битола. Родена во Неапол, генерациски исписник на Сорентино, Дариа Д’Антонио најпрвин го изрази своето големо задоволство што ја има честа да го претставува „Божјата рака“, кој досега освои десетици награди и номинации на филмските фестивали низ светот и е лична емоционална сторија на авторот за Неапол од 1980-тите години.
Со искрена скромност и голема емотивност, Дариа Д’Антонио пред присутните го сподели своето чувство на своевидна засраменост откако ја видела фотогалеријата на кинематографери што досега биле чествувани на ИФФК „Браќа Манаки“ и одржувале мастеркласови.
– Имам огромно задоволство што можам да зборувам за филмот, кој не само што го прикажува градот Неапол туку и мојата страст кон филмот. Сакам да го споделам со вас задоволството што ми го овозможил филмот, бидејќи сиве овие изминати години имав можност да работам со луѓе што ги сакам и мислам дека тоа е спас за мене како кинематографер, бидејќи е голема привилегија да се работи она што се сака – рече Д’Антонио на почетокот, изразувајќи задоволство што пред неа во публиката се луѓе што се репер во кинематографијата.
На прашањето колку е тешко да се биде ѕвезда, не само во Италија туку и на интернационален план, во една професија што традиционално се смета за „машка“, Д’Антонио рече дека е свесна оти е една од малкуте жени кинематографери во Италија, но тоа никогаш не ѝ претставувало некој лимит, бидејќи смета дека луѓето ја перципираат според работата и креацијата.
– Никогаш не сум си го поставила прашањето дека сме малку жени зад камерата. Никогаш не се чувствувам потценето бидејќи имав среќа да работам со интелигентни автори. Машката доминација во филмот во Италија можеби е најмал проблем во споредба со доцнењето на многу општествени процеси во споредба со Франција, на пример, како што се законите за развод и абортус. За среќа, се менуваат и мажите и ситуацијата – посочи Д’Антонио.