Секоја генерација, но и секој уметник индивидуално, пристапува на различен начин, во согласност со општествената важност и присуство на религијата во
јавниот живот и својот личен однос кон верата и традицијата, вели Владимир Јанчевски, историчар на уметноста и куратор во МСУ-Скопје

Религијата во македонската ликовна уметност

Религијата отсекогаш претставувала силен двигател на уметничкото изразување. Во текот на вековите уметниците се навраќале на религиозните теми како извор на инспирација, но и како начин за пренесување пораки, чувства и вредности што ги надминуваат времето и културните граници. Денес, во време на глобализација и мултикултурализам, религиозната уметност добива нов контекст – таа не само што сведочи за историјата и верувањата туку и отвора дијалог меѓу традицијата и современоста.
Ерата на ренесансата е позната по своето изобилство на христијанска уметност, со мајстори како Леонардо да Винчи, Микеланџело и Рафаел во првите редови на овој временски период. „Тајната вечера“ на Леонардо и „Создавањето на Адам“ на Микеланџело на таванот на Сикстинската капела се класични примери што ги истражуваат темите на жртва, искупување и божествено создавање. Уметниците како Караваџо и Рембрант донесоа драматичен реализам во религиозните сцени во барокниот период. Рембрант го следеше патот на својот господар Питер Ластман за да изгради широк репертоар на библиски теми. Додека историските дела на мајстори како Да Винчи или Микеланџело често се чуваат во музеи и приватни колекции, постојат голем број современи уметници чии дела продолжуваат да резонираат со религиозни теми.

Византиската икона како инспирација

На оваа тема поразговаравме и со Владимир Јанчевски, куратор во МСУ-Скопје.
Според него, во модерната епоха, која се поврзува со рапидниот развој на научната мисла, со фокусот на отворено и слободно истражување на реалноста, на материјата, на овоземското и телесното, со новите сознанија на вселената и преку рационален пристап кон знаењето, христијанските мотиви како неизбежно конзервативни и строго канонски предодредени, се занемаруваат или се заменуваат со научниот пристап и секуларното поимање на знаењето.
– Религијата најчесто оди во расчекор со фокусот и интересот на модерните и современите уметници. Интересот за духовната димензија не отсуствува и присутен е во различни форми, но се поврзува или заменува со нови материјалистичка теории и трансформација на материјата. Оттука, канонски религиозниот и теолошки пристап на предмодерната епоха, во периодот на историската авангарда се заменува со еманципација на индивидуата, со теолошко-филозофски интереси и интерес за психосоцијалната и политичката димензија на поединецот во општествената сфера, изразени преку развојот на формалните истражувања во апстрактните тенденции и различни форми на антиуметност или социополитички ангажирана уметност. Религијата и религиозните мотиви најчесто се во расчекор со фокусот и интересот на модерните и современите уметници и скоро исклучиво се присутни во тенденции што имаат еманципаторски потенцијал, како на пример улогата на црквата во поддршка на ослободителни движења и деколонизаторски процеси. Или, од друга страна, се дискутираат единствено како надоврзување на вредности во некоја претпоставена изворна форма надвор од институционалната рамка на официјалната црква, без разлика дали е православна, католичка или протестантска – посочува Владимир Јанчевски.
За чудното место на религијата во современата уметност пишува во истоимената книга познатиот теоретичар на уметноста Џејмс Елкинс, долгогодишен професор на Уметничкиот институт во Чикаго, каде што се осврнува на отсуството на религијата и обидите за вклучување разни форми на спиритуалност во хипертехнологизираниот и консумеристички свет.
– Во македонската историографија не е посветено доволно место, иако на темата се направени неколку изложби, меѓу кои една што е насловена „Христијанските мотиви во современата македонска ликовна уметност“ во „Чифте-амам“ на Националната галерија во 2016 година, курирана од колегата Златко Теодосиевски, историчар на уметноста – вели Владимир Јанчевски.
Според него, во доцносредновековната уметност на територијата на Македонија, канонот на Православната црква е присутен како доминантна уметничка содржина до самиот почеток на 20 век како поствизантиска уметност, кога генерацијата на ликовни творци, кои се зографи, но истовремено и први граѓански сликари, го отвора патот на првата генерација модерни уметници.

– Долгата традиција и на византиската икона и нејзината теолошка суштина, но и естетски впечатливата сеприсутност, била инспирација за делата на многу автори уште од почетокот на 1960-тите, како на пример Димитар Кондовски, во чии дела се јавува како еден трансформиран мотив што се сведува на геометризирана претстава, која ја задржува естетски впечатливата визуелност. А во периодот на 1970-тите и обновениот интерес фигурација, се појавуваат и „реалистички“ портретни претстави на светители, особено ако се работи за ликови на просветители (многу присутни во скромните дела на Томе Серафимовски, некои и основа за споменици), но и во една неоромантичарска визија, како библиски мотиви во сликарските дела на Владимир Георгиевски и Благоја Николовски, „Охридски Ангел“ на Симон Шемов, 1990, од рачно изработена хартија, пак, или како верзии на новозаветната претстава на „Оплакувањето на Христос“ низ призмата на нерешкиот мајстор, или како алегориска претстава на борбата на доброто и злото преку сцената Св. Ѓорги ја убива ламјата во сликите на Глигор Чемерски. Исто така претстави на херувими, серафими, ангелски чинови и небесни сили од слама се повпечатливо присутни и во инвентивните просторни инсталации на Глигор Стефанов, потоа постмодерните интерпретации на „Тајната вечера“ кај Александар Становски и како елементи во колажните сликарски композиции на Атанас Ботев, но и во посебни групни проекти како „Илустрирана библиска етика“, меѓу кои се и Иван Ивановски, Горан Дачев, Владимир Лукаш, Андреј Анастасов, Миле Ничевски, Никола Радуловиќ, Атанас Ботев и Ѓорѓе Јовановиќ. Секоја генерација, но и секој уметник индивидуално, пристапува(ат) на различен начин, во согласност со општествената важност и присуство на религијата во јавниот живот и својот личен однос кон верата и традицијата – вели Јанчевски.
Нашиот соговорник посочува дека во третиот милениум во ликовната уметност освен како традиција на сликање цркви, религиозни мотиви или теми, не се во постојан и исклучив интерес на современите уметници или не се вбројуваат во впечатливи и релевантни примери.
– Најчесто се присутни, и тоа само повремено и многу специфично фокусирани: како предмет на критика на злоупотребата на моќта во јавната сфера („Слободна територија (Жолт крст)“ на Игор Тошевски, 2009, „Solution“ на групата ОПА, 2009), или како теоретски проблем на илузијата на „совршените пропорции“ во инкарнацијата во иконата и границите на јазикот („Златен правоаголник“ на В. Јанчевски, 2009) и заобиколувањето/премостувањето на Втората заповед односно забраната за создавање слики („Икона на која никој не се моли“ од Јован Шумковски, 2015), или како цитати или современа интерпретација на историско-уметничката традиција (преку Рембрант, Сутин, Бејкон и Нич) низ доминантни мотиви како што е Распетието, како симбол на современите егзистенцијални предизвици и оспорените човекови права (На пример „Однасловено распетие“ на Велимир Жерновски, 2014), но и во посебни групни проекти како „Илустрирана библиска етика“, 2015, меѓу кои се и Иван Ивановски, Горан Дачев, Владимир Лукаш, Андреј Анастасов, Миле Ничевски, Никола Радуловиќ, Атанас Ботев и Ѓорѓе Јовановиќ – појаснува Јанчевски.

Континуирано присуство на религијата во уметноста

Религиозните мотиви и теми имаат длабока и трајна застапеност во ликовната уметност на Македонија, особено во православната традиција. Од средновековните фрески и икони до современите уметнички изрази, религијата игра клучна улога во обликувањето на визуелната култура на земјата.
Во средновековна Македонија, религиозната уметност била под силно влијание на Православната црква. Фреските и иконите не само што ги претставувале светите сцени и личности туку и служеле како визуелни пораки за духовно образование и морални вредности.
Во модерната ера религиозните мотиви и понатаму се присутни, но нивната интерпретација се менува. Современите уметници често ги истражуваат и преиспитуваат традиционалните религиозни теми, понекогаш со критички или апстрактен пристап, што резултира во нови визуелни јазици што ја комбинираат духовноста со современите уметнички тенденции.
Една од изложбите што во фокус ја ставаат религијата во уметноста беше изложбата „Христијанските мотиви во современата македонска ликовна уметност“, поставена пред десетина години, чиј автор е Златко Теодосиевски, пензиониран виш кустос во Националната галерија.
Изложбата ретроспективно го елаборира присуството на религиозните односно христијанските теми/мотиви во современата македонска ликовна уметност од почетоците на дваесеттиот век (периодот на појавата на граѓанското сликарство) до денес. Изложбата се темели на фактот дека повеќе од два милениума христијанството е доминантната сила што ги обликува (не само) европската култура и уметност! И тоа трае до денешен ден, иако не со истиот интензитет, сепак религиозните мотиви, во случајов христијанските, се на еден или на друг начин присутни и во современата уметност. Македонската уметност има особени причини за чести навраќања кон религиозните односно христијанските теми и мотиви. Причини што се не само односно не исклучиво верски, туку и историски, па и уметнички: уште од појавата на првите ранохристијански симболи христијанските теми и мотиви се неразделен дел на ранохристијанската, средновековната, модерната и секако современата македонска уметност. На изложбата беа претставени педесетина дела од 25 македонски уметници од сите генерации, почнувајќи од Димитар Андонов Папрадишки, Ѓорѓи Зографски, Димо Тодоровски и Никола Мартиноски, потоа Димитар Кондовски, Владимир Георгиевски, Глигор Чемерски, Благоја Николовски, Данчо Кал’чев, Ванчо Јаков, како и автори од помладите генерации како Атанас Ботев, Златко Глигоров, Велимир Жерновски, Душица Стефановска и др.
Ова континуирано присуство на религиозни мотиви во македонската ликовна уметност сведочи за длабоката врска помеѓу верата и уметноста, која и понатаму е важен дел од културното наследство и современата уметничка сцена на Македонија.