Од 5 до 9 август, во Струмица се случи еден чудесен настан. Под мотото „Светлините на Астерот“ блеснаа филмовите на реномираните европски и светски автори. Поделени во три групи, на краткометражни анимирани, играни и документарни филмови, овие врвни филмски остварувања пристигнаа да се натпреваруваат за престижната награда „златна потковица“. Жирито имаше тешка задача да ги избере најдобрите, но укажа дека и оние филмови што останаа без награда ќе бидат трајно запаметени во силните одблесоци на фестивалот, во светлините на астерот, восхитувајќи со своите естетичко-наративни и импресивни слики, секој од нив раскажувајќи една трогателна, толку потресна и толку стварна приказна, во катарзичко-аристотелски дух.
Авторите на сите филмови на годинашниот фестивал го оставија неизбришливиот белег на својата уметничка автентичност, предизвикувајќи трескавично-естетско доживување, силни внатрешни превирања, поставувајќи ги прашањата за индивидуата и нејзиното место во овој трагичен свет полн со јанѕи и стравови, и нè натераа да ги реафирмираме и да одговориме на вечните прашања – знаеме ли ние луѓето какви сме и каков живот живееме. Живот што одамна останал празен и грозен, исполнет со несогледливите лавиринти на злото и на злосторникот, и се запрашавме уште еднаш – знаеме ли ние луѓето дека само љубовта може да нè однесе до ветената светлосна земја, под овој небесен свод.
Со извонредната селекција на филмовите на иранската, француската, италијанската, данската, канадската и на други продукции од регионот, Европа и светот, интензивно се поставуваа прашањата за залудноста и апсурдноста на животот, со отворени очи ја гледавме вечната борба на исто така вечните и бесмртни богови на еросот и танатосот во нашето срце, влегувавме во нови волшебни светови и пространства на убавината за нас сè уште непознати, сè до суровоста на последниот ден на неосвестениот човек. Таму го видовме животот во неговата најгруба варијанта, животот во оковите и ропството на вечните ограничености поради омразата, одмаздата и злото.
Овие извонредни филмови ни понудија решенија на неодговорените прашања и ни дадоа излез од оваа неподнослива ситуација во која денес несфатливо се најде човекот. Во светлините на фестивалот се менуваа пред нашите очи сликите на животот на трагичните херои и хероини, во еден само навидум обичен ден. Тоа беа суптилно раскажани приказни за откривањето на некои нови волшебни светови на уметникот. Филмови за вечната љубов и средбата на душите во некое друго време небесно. Се поставуваа фундаменталните прашања и сето ова со еден извонреден филмски јазик.
Филмот како седма уметност има многу тешка задача, да ги обедини сите уметности кај себе во една хармонична композиција. Притоа, тој не смее да му се обраќа на логичното и рационалното, туку на потсвесното и скриеното, на една наша длабока тајна, која копнее да излезе во светот, но не може. Таму се закопани нашите најдлабоки и најтешки, застрашувачки и засрамувачки тајни, а токму таму филмот треба да ни се обрати. Токму оваа мисла на Бергман на годинашниот филмски фестивал „Астерфест“ беше целосно имплицирана.
Филмовите на „Астерфест“ допреа до најдлабоките понори на свеста и битието, водејќи нè до едно внатрешноархетипско поместување, а по секое гледање на филмот доживуваме силна лична трансформација. Како секој за себе по гледањето на филмовите да го создаваше сопственото уметничко дело на својата душа. А токму таа духовна импресивна рецепција што ја извршија филмовите врз гледачот, ја одредија и судбината на годинашниот фестивал, како фестивал што ја докажува постојано својата уметничка вредност. „Астерфест“ ја постигна својата уметничка цел, неповторливост и оправданост. Да, уметноста со високата естетичка вредност, дефинитивно дојде и на овие простори.
Фестивалот заврши со прикажувањето на филмот „Трн“ на Столе Ангелов и Никола Пијанманов, филм што нè потсети дека минатото и иднината се присутни токму сега, во овој величествен миг на вечноста, во светлините на сегашниот миг. Филмот, носејќи една силна духовна порака, ни се обрати како „Фауст“ на Гете дека „ако не ја слушнеме душата и сè што таа сака да ни каже сама, во нашиот живот и во вечноста ќе остане темнина“, дека секој од нас треба да ја открие закопаната тајна и повик во својата душа и таму да даде одговор – за што вреди да се живее и за што вреди да се умре.
Проф. д-р Мимоза Рајл