„Арабеска“ е новата стихозбирка на Милчо Мисоски

Со длабока уметничка посветеност и богат духовен набој, збирката „Арабеска“ на Милчо Мисоски го остварува она што многу ретко се случува – преку поетската форма, авторот не само што се враќа кон античките симболи на убавината и добрината туку и ги поставува како основа за визија на подобар свет.
Во овој книжевен труд идеалот за естетско и етичко, во сите нивни облици, форми, закони, предмети и појави, добива свој пиедестал, а читателот е повикан да се напои од вечните води на филозофските вистини. Збирката има егзистенцијална длабочина и не го остава рамнодушен оној што сака да се сретне со смислата и копнежот на духот.
Милчо Мисоски е автор на повеќе поетски збирки, меѓу кои се издвојуваат „Чекајќи го ангелот“, „Записки“, „Изневерено време“, „Песочни капки“ и „Стаклени сенки“. Неговата прва збирка „Чекајќи го ангелот“ беше прогласена за најдобра збирка поезија на конкурсот на Книжевна младина на Македонија, што ги потврди неговиот талент и поетска зрелост уште од првите чекори.
Посветен на трагањето и на отворањето нови патеки во македонската поезија, Мисоски на својот читател му нуди простор за медитација и искуство на убавото како ветување, а добрината како темел.
„Арабеска“ е книга што треба да се чита бавно, со внимание, за да се почувствува не само звукот на стихот туку и неговата светлина.
Милчо Мисоски е доктор по медицински науки, но и поет што преку зборот се обидува да ги допре големите прашања на човечкото постоење.