Годинава романот „Америка“ од Жарко Кујунџиски го доживеа својот превод на италијански јазик и книгата излегува од печат паралелно и кај нас, во издание на „Антолог“, и во Италија за светскиот пазар, во издание на издавачката куќа „Беса мучи“.
– Да замислиме две нешта: Америка да биде личност, а не име на континент и да биде тој, а не таа. Значи, си имаме работа со Америка Берти, триесетгодишен маж чие искуство може да се спакува во џеб од панталони. Едноставен како „извини“ и повлечен како мирно море. Америка Берти, тоа триесетгодишно дете со големо име и со скромни барања. Да вози велосипед наоколу, да лови риба, да игра со своите поќерки и по посетата на поштарот, во осаменост да минува часови со писмата што никој не знае од кого и од каде пристигнуваат. Ајде сега да замислиме дека сме во Италија, од другата страна на Јадранско Море, и некаде меѓу Бриндизи и Монополи е скриено малото Тинтинио, место што го нема на географска карта, но во него гравитираат толку многу уникатни личности што го заслужува вниманието на светот. Кога тие две нешта ќе се спојат – чудните навики на еден интровертен човек и љубопитноста на провинцијата што живее од секојдневниот џагор – се создава дело што го носи шармот на приказните што се паметат цел живот – стои во најавата за изданието.
Преводот на италијански јазик е објавен со поддршка на програмата Циркулација на европски книжевни дела во рамките на Креативна Европа на Европската Унија – потпрограма „Култура“.
Жарко Кујунџиски (Скопје, 1980) е македонски романсиер, есеист, драмски автор, поет, преведувач и филмски критичар. Дипломирал во 2003 година, а подоцна и магистрирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Автор е на 11 книги. Негови дела се преведени на англиски, српски, хрватски, словенечки, полски, германски, турски, бугарски, италијански, украински и на албански јазик.