Стојчевска учествуваше на првото издание на овој фестивал, кој се одржа во Беране, Црна Гора, под слоганот „Тие“, а периодов таа учествуваше и на фестивалот „Надеж“ на платформата „Версополис“, во организација на „Струшките вечери на поезијата“
Поезијата на Снежана Стојчевска онлајн
На фејсбук-страницата на фестивалот на женското книжевно творештво „И литературата има женско лице“ на впечатлив начин е поставена песната на македонската поетеса Снежана Стојчевска, „Ријалити чек“, прочитана од Славица П. Диневска, со видеоарт на Тања Рибарска. Стојчевска учествуваше на првото издание на овој фестивал, кој се одржа во Беране, Црна Гора, под слоганот „Тие“, а периодов таа учествуваше и на фестивалот „Надеж“ на платформата „Версополис“, во организација на „Струшките вечери на поезијата“.
Поради актуелната пандемија на коронавирусот, организаторката на фестивалот „Тие“ и поетеса Ребека Чиловиќ во меѓувреме поведе и иницијатива со која сите негови учесници упатуваат поздрави и со своја поезија онлајн ѝ се обраќаат на публиката. Обраќањата можат да се проследат на фестивалската фејсбук-страница.
– Песната „Ријалити чек“ е објавена во мојата четврта поетска книга „Треба да е лесно“ во 2017 година, во издание на „Антолог“. Истата година беше промовирана на „Букстар“, фестивалот за европска литература, а споменатото видео на Тања Рибарска беше направено за промоцијата на книгата. Соработката со Рибарска дојде сосема природно. Тогаш работевме заедно во „Квазар филм“ и можам да кажам дека имаме посебна интуитивна конекција, умееме да комуницираме нечујно, без зборови. Кога првпат го слушнав гласот на Славица П. Диневска на сцената, ме обзеде како да е самовила.
Најпрво таа го позајми својот глас за видеото, а потоа беше една од читачите на самата промоција. Оваа соработка продолжи и за промоцијата на мојата најнова книга „Ќе се завијам во песни“ (2019). Сега кога сите фестивали и поединци контактираа со мене за да учествувам во нивните иницијативи со поезија против коронавирусот, се сетив дека можам да ги актуализирам овие видеа и на еден поинаков начин да дадам мој уметнички придонес во оваа ситуација.
Така, кога Ребека Чиловиќ ме покани да упатам поздрав до публиката и моите колешки поетеси со кои учествував, избрав да го направам тоа на поинаков начин, со видеоарт на мојата песна „Ријалити чек“, која му е посветена на мојот син Калин Маловски. Исто така, добив покана и од „Антолог“ да учествувам на нивниот е-саем на книга, и таму испратив видеоарт, кој го направи Тања Рибарска, но е во моја интерпретација. Се работи за песната „Дај ми време“ и се надевам дека деновиве ќе биде објавена на нивните страници на Фејсбук и Инстаграм – вели Стојчевска.
На свеченото отворање на фестивалот во Беране таа ја претставила својата поезија, а учествувала и во панел-дискусија на тема „Родово читање на филмот ’Лепота порока’ од Живко Николиќ“, заедно со активистката Ајша Хаџибеговиќ и професорката по книжевност Љерка Петковиќ. Култниот црногорски филм на Николиќ бил искористен за дискусија за положбата на жените во црногорското општество и на Балканот, а Снежана Стојчевска на неа говорела како поетеса, координаторка на продукција од „Квазар филм“, жена и мајка.
– Фестивалот за женска литература „Тие“ е од особено значење, бидејќи е единствен што се занимава исклучиво со литература. Кај нас постојат мултимедијални фестивали, како „Денови на женските права“, „Прво па женско“ и други, но не и чисто литературен фестивал за женското творештво. Прво морам да кажам дека бев позитивно изненадена од организацијата на фестивалот во чиј пулс дишеше градот Беране, од медиумската покриеност и од интересот на публиката. Моја најголема придобивка од учеството на него е што запознав исклучителни жени и авторки, за кои ми е чест и радост да кажам дека ми се пријателки.
Многу ми е драго што имав можност да се запознаам и со нивното творештво и нивните поетики, но најпосебните моменти на фестивалите, оние што ги паметиме цел живот, се токму оние што се случуваат кога ќе се исклучат рефлекторските светла, оние непосредни разговори и дружби во доцните часови во лобито на хотелот. Со Ребека Чиловиќ имаме одлична соработка, која ќе продолжи и во иднина – вели Стојчевска.
Говорејќи за своето учество на фестивалот „Надеж“ на платформата „Версополис“, таа укажа дека осум поети се дел од неа и дека секој од нив испраќа кратка порака за надеж и чита една своја песна.
– Досега се објавени видеата на Владимир Мартиновски, Николина Андова Шопова, Ѓоко Здравески, Наташа Сарџоска и Драгана Ефтимова. Наскоро ги очекуваме и другите објави, меѓу кои и моето обраќање со песната „Само толку“. Се надевам дека нашата активност како поети во овој период носи малку ведрина и надеж во овој и ваков свет – рече Снежана Стојчевска.