Дејвид Ван, еден од водечките автори на помладата генерација

Дејвид Ван, еден од водечките американски писатели од помладата генерација, ќе гостува на претстојниот 64. Меѓународен саем на книги во Белград. Во интервју за дневниот весник „Данас“, тој меѓу другото деновиве вели дека на своите студенти по креативно пишување им говори дека единственото правило што не може да се прекрши е дека мора да постои поттекст и укажува дека општествените медиуми се без поттекст.

– Приказната за тоа што имал некој за ручек е навистина само за тоа, што е заморно и смртоносно за книжевноста. Литературата најверојатно наскоро ќе исчезне, затоа е прашање како може да опстане без читателите. Колку повеќе има среќни луѓе што читаат за ништо или едноставно не читаат ништо, толку е помала веројатноста дека писателите ќе ја објават својата следна книга. Исто така, на моите студенти им говорам и дека идејата е најлошата работа што може да го погоди писателот. Нашиот свесен ум е многу мал во споредба со потсвесните трансформации и изненадувања што можат да се случат настрана за време на пишувањето. Јас пишувам без каков било план или концепт, а моите романи се објавени како прва рака на текстот. Не ја разбирам приказната додека не ги напишам последните педесeт страници или додека не ја завршам, а повторно сѐ е внимателно структурирано од почетокот до крајот и без претходно замислен план. Поради тоа и пишувам и наоѓам дека тоа е неверојатното во пишувањето – вели Дејвид Ван, кој е и професор по креативно пишување на Универзитетот во Ворвик, Англија.

Својата збирка раскази „Легенда за самоубиството“ ја пишувал 10 години, а следните 12 ниеден агент не сакал да им ја понуди на издавачите, за по објавувањето во 2008 година да добие десетина награди. Ван има свое објаснување за тој парадокс.

– Во Лондон во една пригода ме прашаа дали сум размислувал за промена на насловот на книгата во која не би бил зборот самоубиство. Јас всушност за тоа никогаш не сум размислувал, што е особено смешно. Можеби да ја наречев „Во сенката на таткото“ или нешто слично на тоа, таа ќе беше објавена 12 години порано. Се разбира, вистинското објаснување е дека издавачите и агентите во САД не ги избираат и не ги објавуваат само најдобрите книги, како што би требало да прават. Наместо тоа, тие ги слушаат одделенијата за маркетинг и го печатат само она за што мислат дека ќе се продава, иако всушност немаат вистинска идеја за тоа и секогаш се изненадуваат. Друг проблем е што речиси целата американска книжевност е концентрирана во, без фантазија, кратковидиот Њујорк, во кој ги сакаат приказните за самиот град. Мојата книга конечно беше објавена така што ја испратив на конкурс на кој мораат да се печатат сите дела што ќе победат, така што се појави без тоа дека кој било агент или уредник сакал да се случи тоа – вели американскиот писател.

Од својата прва книга до последниот роман, објавен во март, Ван на различни начини се занимава со истата тема – самоубиството на својот татко.

– Тие две книги се за татко ми и се напишани во временско растојание од дваесет години, време во кое сум пишувал и за многу други теми, вклучувајќи и неколку романи што немаат врска со моето семејство. Но поголемиот број од моите книги индиректно зборува за мојата семејна историја и оддава чувство на лично ослободување од претходните трагедии. Сѐ што беше најлошо во мојот живот доведе до она што е сега најдобро во него. Мислам дека пишувањето нуди втора шанса, на тој начин што го преиспитуваме нашето минато. На пример, татко ми ме праша дали сакам да поминам со него една година на Алјаска. Реков „не“, а тој многу брзо потоа се уби. Се чувствував многу виновно, бидејќи верував дека татко ми ќе беше жив ако се согласев. Така, главната приказна во „Легендата за самоубиството“ за татко и син, кои живеат на Алјаска, беше начин да се вратам назад, да кажам „да“ и да замислам како би изгледало тоа време поминато со него. Самоубиството е многу силно табу, можеби и толку древно што настанало пред јазикот и митот. Мора да е едно од најстарите табуа во споредба со канибализмот и убиствата. Проблемот со табуата и со огромниот срам што ги следи е во тоа што луѓето можат поретко да бараат совети за ментално здравје и да зборуваат за своите проблеми, што ѝ штети на личноста што страда од самоубиствени идеи. Кога сме подготвени за тоа да разговараме, тоа ја губи силата и може поретко да се случи. Со други зборови, таквото табу е погрешно или бескорисно. Мислиме дека ако не зборуваме за тоа, поретко ќе се случува, а всушност вистината е поинаква – нагласува во интервјуто Дејвид Ван.

Запрашан зошто своите книги ги споредува со грчките трагедии и што го привлекува во митот за Медеја, на која ѝ посветил еден од своите романи, писателот е категоричен дека неговите романи се грчки трагедии затоа што ликовите не се непријатели. Ликовите во нив, напоменува писателот, „меѓусебно се сакаат и се повредуваат на застрашувачки начини, бидејќи дејствуваат несвесно и надвор од контрола“.

– Со други зборови, прашање е зошто не знаеме зошто го правиме она што го правиме и на крајот ги повредуваме оние што најмногу ги сакаме. Моите романи се грчки трагедии и поради тоа го почитувам правилото на драмското единство, сведување на драмите на еден главен конфликт, ограничен со време и простор. Мојот роман „Гоут маунтејн“ со одвива во два и пол дена, само со четворица луѓе. Исто така, табуто обично се урива во почетокот на моите романи. Некој ќе направи нешто што никогаш не би требало да го направи. Се занимавав со Медеја и таа беше предмет на мој интерес триесет години, затоа што таа е жена што мислела дека власта на мажите е апсурд. Таа е уништувач на пола купче кралства и идни кралеви, закана за западната култура – вели во разговорот американскиот писател.

Тој најавува објавување на два нови негови романи – „Комодо“ и „Жена, желба“, како и една збирка кратки приказни. Во оваа пригода информира и дека штотуку го завршил романот за Доналд Трамп, кој тргнал кон Плутон.

– Книгата е толку безобразна и сексуална што ниеден издавач не сака да ја објави. Знам дека тоа звучи како шега, но всушност е вистина. Ја поминав последната година пишувајќи го овој роман и навистина мислам дека нема да биде печатен. Во него има цитати од сите глупости што ги изговорил Трамп, а она што се случува во книгата сексуално го негира Трамп и Меланија повторно и повторно, што придонесе подобро да се чувствувам. Јас всушност ги мразам паралелно со другите ликови во книгата, како што се Путин, Џон Комеј, престолонаследникот на Саудиска Арабија – рекол Ван.
Одговарајќи на прашање за споредба на американската и европската книжевна сцена, тој истакнува дека тие многу се разликуваат.

– Теоријата на книжевноста, особено француската, ги уништи нашите одделенија за англиска книжевност на универзитетите во САД, така што сега студентите всушност и не учат за литературата. Но мнозинството американски писатели дадоа отпор и не почнаа да пишуваат романи втемелени на теорија. Од друга страна, европските писатели главно ја следеле и се занимавале со теоријата на книжевноста, па поради тоа нивните романи се филозофски, почесто имаат еден лик што размислува сам, помалку е веројатно дека ќе имаат драма или приказна, поретко нудат описи на пејзажите што се огледуваат во рамките на ликовите, а најмала е веројатноста дека со нешто ќе изненадат и ќе ги надминат свесните идеи. Европските писатели се повеќе згрчени и загрижени што ќе мислат луѓето, сакаат да изгледаат паметно. На американските писатели не им пречи да бидат идиоти и дивјаци. Но, се разбира, овој мој одговор очигледно е пристрасен. Всушност, ниеден вид книжевност не е подобра од некоја друга. Јас едноставно сакам приказна, тоа е сѐ. Ме фрустрира кога ќе отворам европски роман чиј писател мисли и раскажува за тоа како е тешко да се пишува и слично на тоа. Дали навистина е толку невозможно и срамно само да се раскаже приказната – прашува писателот.