Од светското кино
Филмот „Д меч“ или „Натпреварот“, во режија на хрватските режисери Доминик и Јаков Седлар, ја прераскажува приказната за фудбалскиот натпревар од 1944 година, одигран меѓу унгарски еврејски затвореници и тим составен од нивните нацистички окупатори. Тие се форсирани да играат, и едните и другите одбиваат да загубат. Натпреварот се игра на роденденот на Адолф Хитлер. Филмот е инспириран од вистински настани.
Трагичната воена спортска драма во целост го задржува вниманието на публиката. Иако тимот на познатиот унгарски фудбалер во филмот, Ласло Хорват (Андреј Џокиќ), се наоѓа во лоши затворенички услови, тие се изгладнети, без опрема, тој го крева натпреварувачкиот дух и дава сѐ за да го победат противникот. Затворениците ги победуваат нацистите, а овие на крајот сите ги убиваат. Овој натпревар во историјата е познат како „натпревар на смртта“.
Во филмот, покрај хрватски актери како Андреј Џокиќ, играат и светските филмски ѕвезди како Арманд Асанте, Франко Неро, Каспар Филипсон и други. Сценариото е на Гери Херц, Стивен Олендорф и на Доминик Седлар. Филмот е во продукција на Хрватска и на САД. Снимен е во Хрватска. Премиерата ја имаше на 10 јули во Велика Британија, а на 25 јули беше дел од „Џулиш интернешнал филм фестивал“.