Развојот на овој жанр на филмови зависи исклучиво од нас етнолозите, колку ние ќе се ангажираме, ќе вложиме енергија и љубов за доброто не само на етнолошкиот филм туку за доброто на целокупната наша култура и за зачувување на традиционалното наследство, изјавува Владимир Боцев
Владимир Боцев, етнолог
Колку етнолошкиот филм е застапен кај нас, се продуцираат ли доволно вакви филмови?
– Производството на етнолошки документарни филмови започнало во Етнолошкиот музеј на Македонија уште во 1953 година, благодарение на етнологот и долгогодишна директорка Вера Кличкова. Таа ја согледала моќта на филмот во служба на етнологијата и многу умешно го користела за зачувување и прикажување на традиционалната култура на Македонците. Во времето кога во Македонија малкумина знаеле што е камера и филм, таа се зафатила со оваа благородна работа и успеала да направи шест документарни филма, кои од денешна перспектива претставуваат вистински бисери на нашето културно наследство. Тоа е така затоа што во овие филмови се прикажуваат елементи на културата што многу ретко се сретнуваат. Едноставно, како и сѐ друго, традиционалната култура со текот на времето се менува, па, така, многу работи може да се видат само во филмовите на Вера Кличкова. Благодарение на нејзината визија и неуморна работа, ние сега имаме зачувано значајни елементи, пред сѐ, од традиционалната нематеријална култура преку нејзините филмови: „Азот“, „Катлановско блато“, „Мариовска свадба“, „Русалии“… Таа е првиот етнолог во Македонија што пишувал сценарија за филмовите, а исто така е и првиот етнолог режисер, го режирала филмот „Мариовска свадба“.
За жал, од 1960-тите до почетокот на 1990-тите има прекин во производството на овие филмови, кога станува збор на Етнолошкиот музеј на Македонија. Од 1990-тите се започна повторно со продукција на етнолошките филмови. Тогаш се изборив Музејот на Македонија да добие VHS-камера и оттогаш не само што се произведоа десетина филма туку во Музејот на Македонија за првпат се воведе видеодокументацијата од теренските истражувања, од која потоа произлегоа и филмовите. Во 2018 година, Музејот на Македонија ги издаде на четири дивидија сите филмови од поновата продукција, што преставува единствено музејско издание досега и придонесува за доближување и лесна достапност на етнолошкиот филм до широката публика. Овие филмови учествуваа на голем број меѓународни фестивали на етнолошкиот и антрополошки филм во Европа, некои од нив беа наградени со значајни признанија. Но најважно е тоа што преку нив се дозна за актуелната македонска традиционална култура во Европа. Тука треба да споменам дека филмовите на Вера Кличкова учествувале на првите организирани фестивали на етнолошкиот филм во Европа, уште во 1960 и 1961 година.
Што, всушност, е етнолошки филм?
– Кај јавноста е раширено мислењето дека во етнолошкиот филм може да се видат носии, обреди, зурли и тапани, нешто поврзано со традиционалното културно наследство, и дека сето тоа што се гледа во филмот веќе не постои или е на работ на исчезнување. Да, секако дека тоа се темите со кои се занимава и ги обработува етнолошкиот филм, но не се тие единствените. Етнологијата како наука, а со тоа и етнолошкиот филм, се занимава со сите сфери на животот: обреди, занаети, облека, традиционални теми, употребата на традиционалното знаење во справувањето со болестите на современиот човек, потоа тука е и секојдневието, односите меѓу различни заедници, поединецот, односот на поединецот и заедниците – групите, односите во семејството, размислувањата на децата за случувањата околу нив, актуелните случувања во општеството, како што се миграциите, ефектите врз поединецот и заедниците, општеството, на актуелната пандемија. Со други зборови, под жанрот етнолошки документарен филм може да се стават широк спектар филмови што обработуваат најразлични теми од животот на човекот, од минатото и сегашноста.
Колку етнофилмот е развиен надвор од границите на Македонија и какви теми најчесто обработува?
– Фестивалот на етнолошкиот документарен филм „Кратово“, кој се одржа неодамна, тежнее да прикаже филмови што обработуваат различни теми од целиот свет. Така беше низ изминативе десет изданија. Можеа де се видат филмови од сите континенти и од многу познати и непознати или малку познати за нас култури и народи. Но, секако, можеа да се видат и појави блиску до нас, но сепак непознати за широката јавност. Во суштина тоа е убавината на етнолошкиот документарен филм, да го открие непознатото и да го доближи познатото. На годинешниот фестивал најобработувана тема беше миграцијата, односно мигрантите, пред сѐ од Африка, состојбата на актуелната традиционална култура за време на пандемијата, состојбата на непризнаените народи и нивната борба да излезат од анонимноста, за наоѓањето начини како да се избегне осаменоста и да се живее во заедница, но, сепак, да се задржи индивидуалноста, животот на старите и осамените лица, верувањата во соништата, односите во семејството итн. Една од целите на фестивалот на етнолошкиот документарен филм „Кратово“ е да направи и споредба на тоа што се прави во светот, а што се прави кај нас на ова поле. Македонскиот етнолошки филм ги следи светските трендови уште од појавувањето на првиот етнолошки документарен филм во 1953 година. Кога велам светските трендови, тогаш мислам не само на темите што се обработуваат во филмовите туку и за начинот на кој тие се снимени. Старите етнолошки документарци и по техничкиот квалитете не заостануваат зад светските. Етнолошкиот музеј на Македонија уште од своето формирање поседувал за тоа време врвна филмска камера „лајка“. Денес, кога секој човек практично има камера во џебот, нашиот музеј не поседува камера, што преставува огромен хендикеп за нас етнолозите и назадување на струката воопшто. Принудени сме да се снаоѓаме, а тоа влијае на продукцијата на етнолошки филмови и на нивниот квалитет во техничка смисла. Темите што се обработуваат во филмовите од новата продукција не се разликуваат од оние во светот, обреди, секојдневие и сл. Разликата е во техничкиот квалитет. Начинот на создавање на филмот е ист или сличен како и надвор од Македонија. Јас, на пример, самиот го снимам материјалот, додека други користат камермани. Тоа се случува и во светот, некои етнолози сами снимаат, што е почест случај, а некои имаат камермани.
Во селекцијата на годинешниот фестивал немаше ниту еден филм во домашна продукција…
– Немањето филм од домашна продукција се должи, на прво место, на незаинтересираноста на етнолозите, второ на неможноста секогаш да се дојде до средства и да се задржи континуитетот во производството. Исто така многу значајно е тоа што оваа дејност на етнолозите е оставена на личната иницијатива, односно не е сместена во институционални рамки. Јас пред неколку години поднесов иницијатива до Министерството за култура за формирање визуелна лабораторија во Музејот на Македонија, но оттаму не добив никаков одговор. Во програмата на минатите изданија на фестивалот имаше и по два филма од домашно производство. Оваа година се погоди да нема, но, секако, проблемот што го посочив погоре ни виси на главата. Секако дека фестивалот на некој начин ги размрда етнолозите во Македонија и тие почнаа да размислуваат за етнолошкиот филм. Така, за првпат во музеите во Штип, Неготино и во Битола се произведоа етнолошки документарни филмови што учествуваа на фестивалот. Целта на фестивалот, меѓу другото, е да се продолжи со производство на овој жанр на филмови, не само по музеите туку воопшто. Сметам дека на тоа поле нашиот фестивал има постигнато одреден успех.
Има ли атмосфера и расположение за развој и стимул на оваа етноформа?
– Сета наша работа и напори се насочени токму кон популаризацијата или подоброто позиционирање на етнолошкиот документарен филм во нашето општество. Пред организирањето на Деновите на етнолошкиот филм и фестивалот во Кратово, кај нас апсолутно немаше никаква сцена за прикажување на овие филмови. Така, тие беа повеќе познати надвор од Македонија отколку во неа, затоа што учествуваа на голем број фестивали низ Европа, а освојуваа и значајни награди. Мене ми се случило да ми побараат филм за учество на фестивалот „Лисбоа док“, без да пратам пријава од моја страна. Имено, некој го видел филмот на некој фестивал и така стигна поканата. Тука, кај нас, има етнолози што не слушнале за филм што обработува теми од нивното поле на интерес. Затоа во Македонското етнолошко друштво решивме да го организираме фестивалот во Кратово и на тој начин да го актуализираме овој жанр на филмови, но и да ги поттикнеме етнолозите да се занимаваат со нивно производство. Мислам дека има напредок на овој план. Развојот на овој жанр на филмови исклучиво зависи од нас етнолозите, колку ние ќе се ангажираме, ќе вложиме енергија и љубов за доброто не само на етнолошкиот филм туку за доброто на целокупната наша култура и зачувување на традиционалното наследство. Наследство со кое единствено можеме да се покажеме пред светот дека е наше и дека тоа е дел од светското културно наследство, по кое сите ќе нѐ препознаваат и почитуваат.