Македонската филхармонија под диригентската палка на Џијан Емин и американскиот музичар и диџеј Хуан Аткинс вечер, во 22 часот во Античкиот театар во Охрид, ќе одржат концерт на електронска и класична музика.

Диригентот Емин пред неколку дена на прес-конференција во Македонската филхармонија рече дека досегашната соработка што ја имаат со Аткинс ветува оти ќе направат вистински музички спектакл.

– Имаме многу убав проект. Се надевам дека сите што ќе дојдат на концертот ќе уживаат во она што ќе го слушнат, додаде Емин.

Светски познатиот креатор на електронска музика, Аткинс рече дека додека имале проба го слушнал музичкиот аспект на тоа што тој го компонирал пред 20 години со електронски инструменти и кога слушнал како оркестарот на Филхармонијата тоа го свири му се насолзиле очите. 

– Успеав да го променам тоа што е најбитно во музиката и да го преточам во ноти за да можат музичарите да го отсвират, додаде Аткинс.

Директорот на Македонската филхармонија Виктор Илиески рече дека на публиката ќе и дадат едно ново концертно уживање во Охрид.  

По завршувањето на концертот, на плажата Парк во Охрид ќе настапи диџеј Џеф Милс.