Славица Танеска, сликарка

Славица Танеска е млада уметница, која иако има само 23 години, веднаш по дипломирањето на Ликовната академија во Скопје, како прва во класата и со висок просек, сакајќи да се надградува и да напредува се запиша и на постдипломски студии. Во меѓувреме, организира изложба и факултетот ѝ ја додели наградата „Четирите мајстори на модернизмот“, која се доделува во чест на професорите Мазев, Кондовски, Анастасов и Перчинков. Ова беше нејзино шесто самостојно претставување.

При крајот сме на оваа чудна 2021 година. Дали сте задоволна од она што и покрај глобалните настани ви се случи во неа?
– Помина уште една година во пандемиско време кога сите бевме осамени и свртени кон своите внатрешни светови. Сепак, за мене беше успешна година. Најзначајно беше што дипломирав на ФЛУ на отсекот Сликарство во класата на професорот Благоја Маневски, како прв студент што дипломира оваа година со највисок просек. Од наставно-научниот и уметничкиот совет на факултетот ја добив и наградата „Четирите мајстори на модернизмот“.
Наставниот кадар на академијата, несомнено, знае како да ги награди и стимулира студентите. Колку ви значи тоа како креативец?
– Во јуни беше одбраната на мојот завршен испит и тогаш го завршив првиот циклус на студии. Просекот и наградата дојдоа попатно, работејќи на нови дела и учејќи за уметноста. Наградите се значајни бидејќи се потврда дека сум на вистинскиот пат. Ова признание ми е многу значајно, бидејќи не е добиено за едно дело, туку за сето она што сум го работела во изминативе години на факултетот. Секоја добиена награда треба да биде оправдана и токму затоа прво ја реализирав изложбата во галеријата на ФЛУ, а и понатаму продолжувам посветено да работам и да се развивам како уметник.
Со што се претставивте на изложбата?
– Главно беа претставени акварели, а тематски беше поделена на апстрактни и на фигуративни дела. Изложбата ја насловив „Во чест на четирите мајстори на модернизмот“ и самиот наслов ја овозможува оваа на прв поглед разноликост, иако делата беа поврзани со начинот на изработка и енергијата што беше внесена во нив. Огромна чест за мене беше што изложбата ја посетија голем број студенти. Во моето обраќање пред публиката реков дека ние овде во Македонија имаме голема уметничка традиција и чекориме рамо до рамо со светот. Почнувајќи од византиските фрески на Михајло и на Ефтихие, кои во себе имаат ренесансни вредности, па понатаму Пандилов, Личеноски и Мартиноски, кои директно од сликањето фрески и икони нѐ воведоа во современата уметност, за преку нив да стигнеме до овие мајстори на модернизмот во чија чест и ја правев изложбата, Мазев, Кондовски, Перчинков и Анастасов, кои оставија посебен печат во македонската уметност. Токму затоа, ние, новите генерации македонски уметници носиме голема одговорност да следиме внимателно што се случува во уметноста во светот, но и да го завртиме вниманието на светот кон нас.


Птиците ви се преокупација уште од средно училиште и ги сликате со разни техники. Што посебно ве импресионира кај нив?
– Птиците почнав да ги работам многу спонтано како задача во Средното уметничко училиште, која немаше повисока цел, освен да направиме неколку слики во мал формат на кој ќе бидат претставени птици. Но кај мене интересот не престана со завршувањето на задачата. Прво направив циклус слики со мал формат птици. На мое огромно задоволство, една од тие слики се најде на насловната страница на првиот број на списанието „Колибри +“, кое излегуваше пред неколку години во весникот „Нова Македонија“. Понатаму работата на птици ме донесе до петлите, кои почнав да ги претставувам во борби, нешто што е специфично за Мексико или Уругвај каде што се организираат борби на овие птици. А на крајот стигнав до заклучокот дека петелот може да биде само симбол што се појавува во сликите, а не основно значење на претставата и дека преку борбите на петли може да се претстават и да се посочи и кон негативните борби во животот. Оттука произлезе темата за мојата дипломска работа „Борба без победник“, каде што петлите се само симболи, птици што будат и кои треба да нѐ разбудат од она во што е западнато човештвото, постојаното создавање борби.
Дали во наредниот период повторно ќе им се навратите на старите куќи во Македонија?
– Проектот „Траги на времето“, во кој беа застапени 100 цртежи со градби од 50 села во брсјачкиот крај, беше многу забележан од публиката. И денес по пет години од издавањето на книгата често ме прашуваат дали ќе има второ издание или продолжение на книгата. Многу луѓе ми понудиле дури и помош околу превод на текстот од книгата на други јазици, како и финансиска помош. За еден уметник огромна радост е да создаде проект по кој ќе биде запаметен и кој ќе предизвика еднаков интерес и кај стручната јавност и кај обичната публика, како што ми се случи мене. Денес сите препознаа дека овој проект е од национален интерес, иако во тоа време беше финансиран само од моите родители и од пријателите. Верувам дека во иднина повторно ќе ѝ се вратам на оваа тема, но со поголема уметничка зрелост.
Дали мислите дека сте ја избрале вистинската професија?
– О, да, се сметам за многу среќна. Привилегија е да се работи професијата што си ја сакал уште од детството. Свесна сум дека не сите ја имале таа можност сами да си ја одберат професијата што ја сакаат. Но тука е заслугата на моите родители, на кои сум им многу благодарна и ним им ја посветив и мојата прва книга „Траги на времето“. Секој ден е ново истражување на боите, формите, изразите, темите, мислите.