Изложбите посветени на светецот Свети Трифун, заштитник на овоштарите и лозарите, на ликовниот уметник Лазар Дојчинов од Кавадарци повеќе од една деценија се дел од културните настани со кои се чествува најголемиот празник на лозарите.
Вечерва во 18 часот предвидено е отворањето на изложбата на Дојчинов на која авторот се претставува со стотина негови дела, најголем дел акварели во различен формат. И овојпат најчести мотиви на неговите слики се грозјето, традиционалното производство на вино, ракија, маџун, бербата на грозјето и традиционални трпези од прославувањето на најважните христијански празници и иконата на Св. Трифун. И во оваа изложба бројните се пејсазите со мотиви од Моклиште и Тиквешкото Езеро меѓу кои може да се издвојат неколку исклучително успешни акварели, како и во делата со мотиви од грозје по што овој уметник е и најмногу познат.
За Лазар Дојчинов може да се каже дека талентот за сликање во себе го носи уште од детството и постојано низ годините продолжува да се надградува и усовршува, учејќи ги тајните на сликарските техники кај еминентните професори Димитар Кондовски и Борко Лазески, кои претставуваат голем стимул во неговото понатамошно надградување како ликовен уметник.
Од сликарските техники најчесто работи акварел каде е највидлив и неговиот успех, а од 2004 година работи акрил и масло на платно. Досега има реализирано голем број на на самостојни усложби во земјата и во странство, меѓу кои десетина во Музеј-галеријата во Кавадарци за празникот Св. Трифун, потоа во Пробиштип, Кратово, Неготино и во Србија. Учесник е на бројни групни изложби и ликовни колонии во земјата и во странство. Во последните години редовно е присутен на бројни хуманитарни настани каде подарува свои дела од кои меѓу последните е хепенингот на здружението „Борка“. Добитник е на бројни награди и признанија, и е еден од уметниците со најголем број дела кои ги красат домовите на многу кавадарчани. Ми.М.