Онлајн-состанок на министрите за култура под УНЕСКО
Во организација на УНЕСКО се одржа првиот виртуелен состанок на министрите за култура од земјите-членки посветен на влијанието на здравствената криза, предизвикана од пандемијата врз културниот сектор, на кој учествуваше и министерот Хусни Исмаили. На виртуелниот состанок, кој всушност претставува продолжение на Форумот на министри за култура, одржан на 19 ноември 2019 година, министрите информираа за мерките што се иницираат или се преземаат во рамките на нивните национални политики и разменија мислења во врска со идните чекори што треба да се преземат на регионално и на меѓународно ниво во насока на надминување на последиците од кризата.
Министерот Исмаили во рамките на виртуелниот состанок информира за актуелните предизвици со кои се соочува Министерството за култура при имплементацијата на мерките и уредбите усвоени од страна на Владата и на Министерството за здравство во условите на вонредна состојба во нашата земја. Поради тие причини, истакна тој, од особено значење е континуитетот на соработката и солидарноста меѓу земјите, како и поддршката на УНЕСКО во насока на размена на искуства.
Инаку, целта на виртуелниот состанок во организација на УНЕСКО е да се овозможи воспоставување платформа за редовен дијалог со министрите за култура, во насока на иницирање заедничка рефлексија за влијанието на здравствената криза врз културниот сектор на глобално ниво, да се идентификуваат економските и социјалните последици врз културниот сектор во целина, како и заложбата за мобилизација на властите и на меѓународната заедница во насока на поддршка на културниот сектор.
Состанокот е од особено значење поради можноста за воведување мерки за превенција, како и мерки со кои преку прелиминарни процени на состојбата во културата и во културниот сектор на национално ниво би се ублажило влијанието од кризата. Исто така, овој состанок отвори можност за дијалог во врска со мерките што треба се преземат во иднина, за да се донесат препораки со кои би се ублажило влијанието на здравствената криза врз културниот сектор на краток, среден и долг рок.
На состанокот, министрите за култура истакнаа дека пандемијата од ковид-19 уште еднаш потсетува дека културата е од суштинско значење за општествениот развој и претставува вектор на еластичност и развој на човекот од социјален и економски аспект. Поради тие причини, културата неминовно треба да биде интегрирана во рамките на владините политики и да го даде својот придонес во надминувањето на оваа невидена криза.