Фестивал на современи македонски и на ирански филмови почнува денеска во Кинотеката на Македонија со проекција во 18 часот на „Медена земја“, во режија на Тамара Kотевска и Љубомир Стефанов.
– Низ супериорна визуелна нарација и маестрална монтажа, филмот за медената земја нѐ опоменува дека сите наши постапки си имаат последици по човештвото во иднина. По подолго време – конечно – фантастичен филмски продукт од ова поднебје, кое како трајна вредност го препознава целиот свет – велат од Кинотека.
Од 20 часот, на програмата е проекција на „Влакнеста приказна“ (игран филм, Иран, 2019 г.), во режија на Амир Хомајон Ганизадех. Ова е режисерско деби на младиот Амир Хомајон Ганизадех, кој има остварувања и како филмски актер.
Утре, од 18 часот, ќе биде прикажан „Врба“ (Македонија / Унгарија / Белгија) на
Милчо Манчевски, со Никола Ристески, Сара Климоска, Наталија Теодосиева, Ненад Нацев, Камка Тоциновски, Петар Мирчевски, Благој Чоревски, Ратка Радмановиќ и др. Ова е шестиот долгометражен филм на Милчо Манчевски, и во него се испреплетуваат три приказни за љубовта и довербатa: едната од македонското средновековие, a другите современи. Од 20 часот ќе биде прикажан „Инвазија“ (Иран, 2017) во режија на Шахрам Мокри.
На фестивалот ќе бидат прикажани и „Исцелител“ на Ѓорче Ставревски, „Овци“ на Хоуман Сеједи, „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Теона Стругар Митевска, „Темната соба“ на Рухолах Хејази, „Тука“ на Хади Мохагег, „Астиматизам“ на Пајам Карами и Маџид-Реза Мостафави и „Развод заради мачки“ на Мохамад-Али Саџади, „Реза“ на Алиреза Мотамеди.