Македонската револуционерна борба од крајот на 19 и почетокот на 20 век и Илинденското востание земаат значајно место во колективното сеќавање на македонскиот народ и во неговата револуционерна традиција во борбата за создавање македонска држава. Најдобра потврда за тоа, но и на континуитетот на борбата за македонска држава, претставува фактот што Првото заседание на АСНОМ, на кое била конституирана македонската држава (на дел од територијата на османлиска Македонија, а во рамките на ФНР Југославија), се одржало токму на 2 август – денот кога започнало Илинденското востание.
Не случајно во македонската химна се споменуваат дури четири имиња (Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев и Јане Сандански), кои претставуваат своевидни симболи на Организацијата што ја повела македонската борба за сопствена држава. Од 2007 година, 23 Октомври – Денот на основањето на Македонската револуционерна организација е прогласен за државен празник
Фељтон по повод 120 години од Илинденското востание (3)
За идното политичко уредување и за слободниот живот на граѓаните може да размислуваат и да се подготвуваат само оние што работат на создавање сопствена политичка творба, независно во каков облик, но не и оние што мислат да се присоединат кон некоја таква што постои. Со оглед на тоа што со поимањето на автономијата на Македонија и понатаму се манипулирало, особено од врховистичките средини, во истиот „Официјален додаток“ се вели; „Тие врховистите претставуваат полна негација на Внатрешната организација, меѓу неа и нив има длабока бездна. Пред сè, наспроти целта на Организацијата, автономна Македонија, и нејзината девиза ‘Македонија на Македонците’, тие се залагаат за некаква автономна Македонија со прикриена девиза ‘Македонија за Бугарија’. Автономна Македонија од Организацијата се сфаќа како самостојна државичка, која ќе влезе како одделен член во федерација на другите држави на Полуостровот, а врховистите ја сфаќаат како преодна форма кон ‘Санстефанска Бугарија’“.
Поради шпекулациите во контекст на поврзувањето на автономијата на Македонија со кнежеството Бугарија, Д. Груев во јануари 1905 година ќе истакне: „Внатрешната македонска организација дејствува наполно самостојно и, поставувајќи си ја девизата ‘Македонија за Македонците’, не само што не зависи од бугарската влада, туку речиси кон неа се однесува непријателски, не сакајќи за ништо судбината на Македонија да им ја потчини на интересите на Кнежеството“ и дека главната задача е „да биде извојувана автономија на Македонија, а никако не, нејзино присоединување кон Бугарија“.
Во истата 1905 година, д-р Карло Блинд пишува: „Сандански се претставува како единствен претставник Македонец. Тој си поставил за цел од Македонија да создаде независна држава, која единствено би можела да влезе во составот на ‘Балканска федерација’…“. Хари де Винд, пишувајќи за околностите во македонското движење и суштинските противречности меѓу врховистичките активисти и внатрешните дејци, истакнува дека генерал Цончев ги застапувал ставовите на бугарска влада за бугарска автономија на Македонија и нејзино анектирање од страна на Бугарија, а наспроти тоа бил Сандански, кој се декларирал како легален претставник на Македонците, при што неговата цел била „независна држава“, која би влегла во балканска федерација.
Александар Цанков (бугарски, публицист, општественик, подоцна премиер на Бугарија) во 1906 година пишува: „Внатрешните дејци инспирирани од вистинскиот дух на слободата на својата татковина сакат независна или најмалку автономна Македонија“, и понатаму „…тие борци водат непрестајна крвава борба како со тиранинот Турчин, така и со сите дрзници што посегнуваат кон нивниот идеал ‘Македонија на Македонците’“. Погледите и сфаќањата на Организацијата и на нејзините дејци околу поимањето на автономијата визави другите надворешни фактори биле антиципирани од повеќе странски посетители, кои по разни основи биле заинтересирани за регионот и за македонското прашање.
Така, на пример, Фредерик Мур во 1905 година пишува дека, додека генерал Цончев пропагирал анексија на Македонија од страна на Бугарија, наспроти тоа стоеле внатрешните дејци, кои сметале дека Македонија како држава со својата географска положба може да послужи како јадро за конфедерација на Балканот, при што таквата конфедерација би била непробоен бедем против руската експанзија кон Средоземно Море. Според истиот автор, „паролата на Македонците е Македонија за Македонците“.
Англискиот филантроп Хенри Н. Брејлсфорд, кој веднаш по Илинденското востание се нашол на територијата на османлиска Македонија како предводник на хуманитарна мисија, во својата книга „Македонија. Нејзините народи и иднина“, објавена во Лондон во 1905 година, во врска со целите на македонското револуционерно движење пишува: „Програмата не била присоединување на Македонија кон Бугарија“, и понатаму: „Јас воопшто не се сомневам во искреноста (на водачите, б.н.) кога велат дека целта им е да создадат слободна, неутрална држава под суверенитет на Султанот“ во која сите народи ќе имаат еднакви права. Овој автор констатира дека народот во чии бунтовни песни зборот Македонија „се јавува во секој рефрен, докажува дека веќе има своја татковина“.
Дека зад принципот за автономија на Македонија стои повисока цел, сведочат актите на фантомската Бугарска народна македоно-одринска револуционерна организација (БНМОРО), која во 1910 година се обидела да го пополни местото на веќе распуштената ВМОРО, притоа радикално отстапувајќи од нејзините принципи. Така, во повикот на оваа организација од 1/14 август 1910 година се вели дека основачите на ВМОРО направиле „една фатална грешка“, бидејќи Организацијата ја поставиле на „интернационална почва, при што си поставиле недостижна цел – создавање независна македонска држава, која ќе послужи како јадро на идната балканска федерација. Иако оваа интимна мисла не беше внесена во основите, таа беше водечка идеја во целиот петнаесетогодишен живот на Организацијата“.
Тодор Поп Антов, кој на Рилскиот конгрес во 1905 година бил избран за член на ЦК на ВМОРО, во своите спомени пишува: „Целта на Револуционерната организација беше отцепување на Македонија во нејзините географски граници и нејзино издигнување во автономна држава“.
Никола Зографов, пунктов началник на Организацијата во Ќустендил и близок соработник на Г. Делчев, во 1927 година пишува: „Таа организација уште од почетокот на нејзиното основање беше наречена сепаратистичка. Куп навреди се сипаа врз неа, меѓутоа нејзините раководители беа со цврсто убедување, дека само автономна, слободна држава Македонија ќе го задоволи нејзиното население, ќе го ослободи од турската држава и ќе го постави во најповолни услови за развој со соседните држави: Србија, Грција и Бугарија“
Слично на тоа К. Алемендингер вели дека целта на Организацијата е „полна независност на Македонија“. Алфред Рапопорт, австроунгарскиот генерален конзул во Македонија (1904–1909) во книгата „Земјата на мачениците“ пишува дека „побудата на оние што во 1893 година ја создадоа Македонската организација“ во најмала мера била „претходно да си ги присвојат власта и правата во македонската држава, која имаат намера да ја создадат потоа“.
проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев
од Институтот за историја
(Продолжува)