Фото: Пиксабеј

Кинеската и персиската цивилизација имаат историски врски што датираат повеќе од две илјади години. И покрај разликите, двете цивилизации имаат многу сличности што овозможија создавање историско пријателство меѓу иранскиот и кинескиот народ. Во минатото и денес, двата народа се поврзани со патиштата на свилата, односно Иран беше и останува врската меѓу Кина и Европа. Во 20 век и двете земји доживеаја револуции што ги свртеа за 180 степени, Кина во 1949 година, комунистичка, и Иран во 1979 година, исламска. Воспоставените системи функционираат и денес

Фељтон: Партнерството на Иран и Кина (3)

Во однос на безбедноста, Иран е заинтересиран за кинеска воена помош. Со текот на годините, Кинезите им дадоа воена помош на Иранците во воените сегменти: спроведување обука на високи офицери за напредни системи, обезбедување техничка поддршка, испорака на технологија за развој на ракети и изградба на ракетна фабрика и полигон за тестирање, како и снабдување со специјален челик за ракетна конструкција.
Според некои извори, Кина помогнала во развојот на напредното конвенционално оружје на Иран, вклучувајќи ракети земја-воздух, борбени авиони, радарски системи и ракетни фрлачи. Раиси му беше домаќин на кинескиот министер за одбрана Веи Фенге во април 2022 година за да ја подобри стратегиската одбранбена соработка. Двете земји се согласија да соработуваат на воената стратегија и да се вклучат во заеднички воени вежби. Иранската војска во изминатите неколку години учествуваше во неколку заеднички вежби со кинеската и руската војска. На пример, во март оваа година, Иран, Кина и Русија спроведоа петдневна поморска вежба во Оманскиот Залив. Ова не е изненадувачки бидејќи Техеран беше кандидат да ѝ се приклучи на Шангајската организација за соработка, на која ѝ се приклучи во јули. Кинезите ѝ даваат дипломатска поддршка на иранската нуклеарна програма и не гледаат проблем во тоа.

Владите на Иран и на Кина станаа уште поблиски со растечкото влијание на САД

Во рамките на владејачкиот ирански режим, често има конфликт меѓу прагматичарите и тврдокорните и во надворешната и во домашната политика. Тоа никаде не се гледа толку јасно како во односот со Кина. Поради геополитичката ситуација, меѓусебната привлечност на двете влади е видлива дури и за политички слепите. Двете влади станаа уште поблиски наспроти растечкото непријателство на САД, а таа соработка е поддржана од двете фракции, иако на тврдокорните им пречи атеистичката природа на комунистичкото уредување. Што е уште поважно, односите меѓу Иран и Кина се ранливи на неколку фактори на ризик што произлегуваат од неодамнешните граѓански немири во Иран. Поточно, иранско-кинеските односи се погодени од протестите по смртта на курдското девојче Махса Амини во септември минатата година. Значењето на овие протести, кои многу ирански политички активисти ги нарекуваат револуцијата Махса, најдобро може да се разбере ако се анализираат во контекст на односите меѓу Иран и Кина.

Влијанието на револуцијата Махса врз односите

Револуцијата Махса изложи отпор кон шеријатскиот поредок меѓу одредени делови од иранското население. Протестите започнаа поради противењето на наметнувањето на хиџабот, но тие се трансформираа во пошироки протести против Исламската република со слогани што бараат нејзино укинување. Како што се проширија протестите, тие предизвикаа жесток одговор од владата, која постепено ги задушуваше протестите, но не му стави крај на отпорот на жените кон облекувањето според шеријатот.
Револуцијата Махса влијае на односите меѓу Иран и Кина на неколку начини. Прво, расположението кон Кина е многу негативно кај Иранците што се противат на владата. Противниците на режимот ги гледаат Кина и Русија како главни поддржувачи на режимот. Тие сметаат дека брзорастечките односи меѓу Иран и Кина се штетни за интересите на обичните луѓе. Доколку продолжат домашните тензии во Иран, може да дојде до напади врз Кинезите и нивните проекти во Иран. Ако Кина го земе предвид овој ризик, тоа може да влијае на големината и природата на нејзиниот иден економски ангажман со Иран.
Второ, стравот од нови протести може да го принуди иранскиот режим да избере две опции: 1) екстремен пресврт кон исток и уште поблиски односи со Кина, или 2) постигнување компромис со Западот. Интензитетот на протестите веќе предизвика поделби во иранската владејачка елита околу надворешната политика. Додека едната фракција (тврдокорните) се залага за поцврсти односи со Кина и Русија, другата фракција (прагматичарите) верува дека Иран мора да покаже повеќе компромиси во преговорите со Западот за да ги укине економските санкции на САД и ЕУ. Ако последната фракција во одреден момент стане повлијателна и го убеди врховниот водач, ајатолахот Али Хамнеи, да го промени курсот, Техеран може да ги залади односите со Кина. Свеста за таков ризик може да влијае и на политиката на Кина кон Иран. Трето, ако во одреден момент револуцијата Махса успее и дојде до промена на режимот во Иран, новата влада најверојатно ќе поттикне антикинеско расположение и ќе усвои прозападна политика. Ваквиот пресврт ќе ги загрози кинеските инвестиции и транзитната улога на Иран во новиот пат на свилата. Во случај на промена на режимот, Иран веројатно би бил поотворен кон САД, а тоа подразбира напуштање на новиот пат на свилата, СЦО, а веројатно и БРИКС.

Заемно корисен сојуз

Кина ги смета своите стратегиски односи со Иран како предност во глобалната конкуренција со САД. Додека Американците за Кина воведуваат трговски ограничувања, Кинезите може да ја продолжат насоката кон зајакнување на односите со Иран економски и воено, секако доколку САД дополнително ја заострат својата реторика. Во минатото Американците ги условуваа Кинезите со постудени односи со Техеран за да ја ублажат нивната политичко-економско-воена поддршка за Тајван. Сега веројатно нема да се случи тоа, бидејќи американските креатори на политика зазедоа тврд став. Освен тоа, за Пекинг, Иран е клучен извор на нафта на Блискиот Исток и транзитна маршрута на новиот пат на свилата, која не смее да ја загуби. Такво нешто би било понижувачко и заканувачко за целата иницијатива. Евентуалното уривање на шеријатскиот поредок и воспоставувањето секуларна и прозападна иранска влада е сценарио што би ја променило геополитичката слика на Блискиот Исток на штета на Кина.
Од иранска гледна точка, односите со Кина се од клучно значење бидејќи, заедно со Москва, Пекинг е главниот заштитник на Иран и центар на моќ што му помага на шиитскиот Иран да остане важна регионална сила, но и сила чие влијание се чувствува надвор од регионот на Блискиот Исток. Со други зборови, Пекинг може да му помогне на Техеран да ја подобри својата позиција во меѓународната заедница. Силно антизападната и происточна Исламска Република Иран е во интерес на комунистичка Кина повеќе од што било друго. Во исто време, соработката со Кина на воениот фронт (испорака на најнапредно оружје и опрема) може да му помогне на иранскиот исламски поредок да ја потисне потенцијалната портокалова револуција и граѓанска војна како што се случија во Либија и во Сирија. Нема сомнеж дека целта на западните тајни служби е протестите на Махса да ги претворат во граѓанска војна. Кога ќе се земе предвид сето тоа, кинеско-иранското партнерство дополнително ќе зајакне во наредниот период на задоволство на владејачките елити и мнозинството народ.

„Геополитика“

(Крај)