Фото: Маја Јаневска-Илиева

Да се живее во Скопје, да се има статусот на „скопјанец“, согледано од повеќе аспекти на македонската реалност, ги наметнува прашањата дали е тоа привилегија, предизвик или само патемна станица до некоја поперспективна дестинација. „Нова Македонија“ го објавува фељтонот „Скопје – утопија, визија, реалност“ на универзитетскиот професор, социологот Илија Ацески, кој преку свои студиски истражувања и анализи ги согледува корените на актуелните предизвици на македонската метропола, но и насочува на целите кон кои треба да се дејствува во плановите за негов развој

Фељтон: Скопје – утопија, визија, реалност (5)

За Скопје, тоа може да се очекува, идентитетот на градот ќе стане најважното прашање на 21 век, идентитет што сега е препуштен на нејасна иднина, каде што нема проникнување на културите и различностите

Постземјотресно Скопје не ја научи лекцијата, а планирањето сосема го заборави тоа и игнорира дека за градот е погубно групите да се затвораат во просторот, со обележјата на посебните култури, се сегрегираат, кои просторно се допираат, но културно не се мешаат и создаваат нетрпеливост и судир, што на долг рок може да биде фатално за градот од повеќе аспекти.
За Скопје, тоа може да се очекува, идентитетот на градот ќе стане најважното прашање на 21 век, идентитет што сега е препуштен на нејасна иднина, каде што нема проникнување на културите и различностите. На големо изненадување, тоа го покажуваат статистичките податоци, сѐ уште не само што трае туку и се засилува процесот на поделбата на градот во однос на етничката припадност. Не сме доволно свесни, нема сознанија што всушност се случува во време кога физичките граници не претставуваат повеќе пречка за протек на информации и култура, а понатаму се врши сегрегирање на населението, во случајот на Скопје „лева“ и „десна“ страна на реката Вардар.
Во тој контекст се поставуваат мноштво прашања, меѓу кои: која е улогата на истражувањата во сферата на хуманистичките науки во детектирање на феномените на поделеност; дали Скопје има иднина и каква ако продолжи поделеноста и дали постојат доволно критична маса и свест во сферата на политиката за реално соочување со проблемите.
Ако се обидеме да направиме една споредба на градот денес со градот пред 1990-тите години, кога општеството влезе во процес на радикални промени, освен општиот впечаток дека уривањето на социјализмот беше проследено со бавно воспоставување на институциите на новиот систем, и по три децении планирањето не успеа да заживее во сферата на урбаната политика..
Општ впечаток е дека градот во транзиција е опасно загрозен од владејачките елити, кои вешто ја користат ерозијата на правниот систем и моралните вредности, за да ги задоволат сопствените апетити за брзо богатење. Урбанизмот секогаш бил поле за брзо оплодување на капиталот на сметка на животот на „обичните“ луѓе, особено кога функционирањето на институциите било доведено во прашање. Отсуството на елементарни правила во урбаната политика и планирањето доведе до катастрофални последици за развојот на градовите. Последиците од тоа се видливи во развојот на Скопје.
Првото прашање со кое нужно се соочуваме, кога го имаме во фокусот градот во општеството во транзиција, гласи: Дали нам ни се случи и понатаму се случува дивиот, либералниот капитализам, кој беше карактеристичен за земјите од Западна Европа пред повеќе децении?
И колку таа споредба да е исполнета со нерационалност, ако судиме по некои случувања, ќе заклучиме дека тоа е во ред. Градот го добива (заокружува) ликот сличен на градовите од неразвиените земји и натаму се исполнува немоќта на владејачките групи (прашање е колку тие се заинтересирани) да воспостават елементарни правила што се својствени за развиените земји. На прво место треба да биде убедувањето дека градот им припаѓа на сите, што многу ефикасно може да се реализира преку механизмите на урбаната политика.
Зошто е значајна споредбата на нашите градови со градовите на развиените западни општества, кои во голема мера ги надминале болестите на индустријализмот и за кои кризата има сосема различно значење?
Многу повеќе може да се говори дека развојот на градот следел некои други обрасци отколку некакви идејни замисли во трансформацијата на општеството. Ова е важно да се потенцира во ситуација кога општеството тргна во насока на усвојување нови правила во духот на пазарната економија и плуралистичката демократија. По инерција на она што се случувало пред 1990-тите години, може да се очекува дека и изградбата на градот ќе тргне во духот на тие правила, во насока на пазарна економија, правна држава и социјална правда.
Она што е поверојатно дека ќе се случи е тоа дека градот ќе продолжи да се развива по некои „невидливи“ правила, кои воспоставуваат врска со урбаната политика (со владејачките групи). Но резултатот сепак е нешто што во основа е непредвидливо и неочекувано, а најчесто и непосакувана состојба. Планирањето треба да го дефинира развојот во посакуваната цел.
Квалитетот на животот во градот е загрозен од постапките на инвеститорите за максимално зафаќање на градежните парцели, водени од идејата за максимална корист, што го доведува во прашање хуманото живеење, што е видливо во многу случаи од несоодветна близина на објектите, релативно голем волумен, едноставно пренаселеност на еден простор. За жал, не се разгледуваат варијанти на организирање на просторот, решенија што би требало да се стручно елаборирани и во кои ќе се препознаваат индикаторите на здрав живот и хуманизација на просторот.

Автор: Илија Ацески

(продолжува)